Не е рамка, туку уште позатегната јамка – се коментарите на експертската јавност за владината одлука наместо со 350, на домашниот пазар да се задолжи со 502 милиони евра. Потег, кој министерот за финансии го претстави како формирање „рамка во која ние може да се движиме во однос на управувањето со јавниот долг“.
Достигнат е плафонот во задолжувањето, предупредуваат економистите. Парите никогаш не биле поскапи во последните 40 години. Кредитите мора да се враќаат, а финансискиот капацитет на државата е исцрпен. И, повеќе нема капацитет за нови задолжувања. Сега, кредитите земени со камата од два до три проценти, треба да се заменат или да се враќаат со нови, кои имаат стапка од седум-осум проценти.
Работата е доведена до состојба, кога одделни економски стручњаци сметаат дека повеќе нема никаква поента било што да се кажува, затоа што кај надлежните не постои ниту волја, нити знаење, ниту капацитет за промени. Сепак, мислењето е дека без идеја за тоа што и како понатаму, Владата со задолжувањата и на домашен и на странски терен ја внесе државата во круг од кој тешко се излегува. Износот од 8,3 милијарди, колку што е јавниот долг според податоците од последниот ден на јуни, е крајно алармантен. Но, и покрај тоа, постојано се надградува.
„Откако Владата ги ‘откри’ обврзниците со кои се задолжува кај домашните кредитори, тие станаа нејзина играчка. Крајно незрело, инфантилно“, резигнирано коментираат дел од експертите. Но, се посочува, доколку зголемениот праг од 150 милиони евра, според одлуката на Владата, се одрази со намалување на надворешото задолжување, тогаш последниот потег има некој смисол. Зашто, каматните стапки дома се поповолни.
Како и да е, велат, државата е во многу лоша финансиска кондиција.
„На Владата и требаат пари. Самата одлука говори дека нешто не е во ред со Буџетот и дека состојбата со економијата е лоша. Кога економскиот раст е 1,8 проценти, и е далеку под прогнозите на Бесими од 5,4 проценти, тогаш се што се троши оди на сметка на инфлацијата и на јавниот долг“, вели поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини.
Според него, оваа состојба е невидена досега.
„Груевски трошеше безмилосно, а СДСМ критикуваше и ветуваше дека тоа нема да го повтори. Буџетот е речиси 50 насто поголем од тоа време. Трошат уште побезмилосно. Добро, имаше Ковид-криза, па Украина. Што е сега проблемот? И, каде одат парите?“, коментира Хајредини.
Не само странските амбасадори, туку јавноста, граѓаните треба жестоко да бараат одговор за тоа што се прави со нивните пари, категоричен е поранешниот министер.
„По сите параметри имаме најслаба економија во регионот. Црна Гора, Албанија, Косово, Србија, сите се пред нас. Освен тоа, најслаба е и во 30-годишниот просек. Се се сведува само на самопофалби – ‘најдобра економија’, ‘државата лидер во регионот’. Се фалат кога ќе добијат кредит. Да кредити, но за инвестиции! Ова е невидено досега“, реагира Хајредини.
Бројките се огромни за економија каква што е нашата, нагласуваат експертите. Се работи за јавен долг од над 8,3 милијарди евра. Надворешниот долг на централната влада е 4,4, а внатрешниот речиси 2,8 милијарди евра. Првиот е сочинет од над 1,3 милијарди евра на име заеми и 3,1 милијарда евра од еврообврзници. Во вториот се државните хартии од вредност со скоро 2,8 милијарди евра и структурните обврзници со речиси 30 милиони евра.
Инаку, добрите познавачи на состојбите укажуваат дека ужаснува самиот податок дека за период од пет години јавниот долг е зголемен за повеќе од три милијарди евра – од 5,2 милијарди евра во 2018 до сегашните над 8,3 милијарди евра. Во БДП, кој за годинава е проектиран на 15,5 милијарди евра, долгот навлегува со повеќе од 60 проценти. Што, според стандардите на Светска банка значи дека Македонија е на добар пат да влезе во класата на високо задолжените држави.