Актуелно 19.07.2018 12:30

Епидемијата од шофери без дозвола коси по патиштата

Епидемијата од шофери без дозвола коси по патиштата

Гостиварецот Јетмир К. има 37 години, нема „в“ од возачка дозвола, ама тоа досега не го спречувало да седне зад воланот на своето „ауди 4“. Нема положено возачкиот испит и нема дозвола за „Б“ категорија, што треба да ја поседува за да управува автомобил.

Тој не е единствената „темпирана бомба“ по патиштата во полошкиот регион, во последните две години за што добивме податоци, 2016 и 2017, низ овој дел од земјава годишно биле регистрирани во просек по 2.600 шофери без возачка дозвола, што претставува најмногу во државава.

Многу близу е штипскиот регион, а најмалку фатени возачи без дозвола има во скопскиот.

Низ цела Македонија во „мрежата“ на сообраќајците годишно паѓаат петоциферна бројка на шофери без возачка дозвола. Минатата, 2017 година откриени се околу 13.700, а претходната имало 15.500.

СВР Тетово последниве месеци ги засили контролите и санкционирање на овие прекршоци и веќе можат да се почувствуваат видливи позитивни ефекти. Во првите три месеци од годинава, по полошките сообраќајници откриени се вкупно 223 лица без возачки дозволи, а лани во истиот период имало 395.

правување на возило без возачка дозвола

барања за прекршочна постапка

наплатени глоби

исклучени возила од сообраќај

2016

2017

2016

2017

2016

2017

СВР Скопје

818

12

0

0

1.892

2.622

СВР Битола

1.868

1.780

60

77

1.863

1.228

СВР Велес

2.070

1.635

22

63

1.455

1.257

СВР Куманово

1.183

1.222

54

63

1.010

1.295

СВР Охрид

1.513

1.576

31

51

1.100

1.571

СВР Струмица

2.311

1.680

8

8

2.793

1.935

СВР Тетово

2.726

2.488

33

75

2.753

2.553

СВР Штип

2.322

2.772

58

46

2.552

2.805

Мобилна единица за безбедност во патниот сообраќај

697

556

15

25

655

531

Вкупно

15.508

13.721

281

408

16.073

15

Слаби контроли, несовесни родители и скапи испити

Нашето истражување покажува дека има најмалку три големи причини зошто полицијата годишно „лови“ многу вакви ризични шофери, кои седнуваат зад воланот без возачка дозвола.

Проблемот број еден е веројатно тоа што иако полициските контроли од година в година се засилуваат, сепак сообраќајците ги нема доволно по патиштата и дивите шофери сѐ уште се чувствуваат сигурно.

Како фактор за ова е и цената на возачката легитимација којашто е луксуз за добар дел од населението.

Последна причина, но не и помалку важна е малата свесност кај родителите што им дозволуваат на децата да возат.

Нашиот соговорник Јетмир К. до сега сменил три автомобили, поминал над 100.000 километри и имал само една „блиска средба“ со сообраќајците, од која се извлекол со итроштина. Иако најчесто вози низ полошкиот регион, барем еднаш неделно вози кон други градови. Често е во главниот град и вози низ него.

– Возам од својата 20-та година, но тоа тогаш беше ретко и во присуство на некој од моите роднини, кога се подготвував да положам возачки испит. Но, тогаш по пет обиди не успеав и се откажав. Не се сеќавам како, но подоцна почнав да возам обично во неделите по оддалечените населби. Се обидов да возам низ град и еднаш ме запре полициска контрола. Кога ми побараа документи им реков дека доаѓам од механичар и дека ги немам со себе. Ми поверуваа и ми рекоа да одам. Оттогаш, никој ме нема запрено, вака ја опишува „возачката кариера“ овој гостиварец.

Тврдењето на овој гостиварец дека може да се вози низ земјава без да се наиде на сообраќајна патрола и контрола беше предизвик. За потребите на истражувањето го прифативме. Тргнавме на пат за велигденскиот викенд кон југ. Од Гостивар, преку Кичево, Демир Хисар до Битола.

Истиот ден се вративме назад, но од другата страна по автопатот, преку Прилеп, Велес, Скопје, па сѐ до Тетово.

Поминавме нешто над 350 километри, но не наидовме на контрола. Истото по три дена го направивме, возејќи кон североисток безмалу иста должина на пат. Од Гостивар до Крива Паланка, по патот видовме неколку патролни автомобили на сообраќајната полиција, но ни на одење, ниту на враќање не бевме запрени.

По „турнејата“ се наметна прашањето колкава е вистинската бројка на луѓе што возат без дозвола, ако контролите се слаби, а сепак се откриваат по над 2.500 случаи годишно?

Како втор проблем е полагањето на возачкиот испит, цената, комплицираноста и редица други причини.

Според досегашните искуства обуката, нејзината цена и сегашниот начин на полагање на возачкиот испит, во значителна мерка влијаат на поединци да управуваат без дозволи. Ова го наведува портпаролот на СВР Тетово Марјан Јосифоски и дополнува:

– Имено, некои од нив, затекнати и казнети од полициските службеници на СВР Тетово, пред службениците истакнувале дека критериумите за полагање им биле строги, а цената на обуката висока за нивниот семеен буџет, па поради тоа на некој начин биле доведени во ситуација да постапат спротивно на законот, подвлекува Јосифоски.

Парите кои треба да се издвојат за добивање на возачка дозвола се и тема на форуми и коментари на социјални мрежи.

Откако ги поминавме правилниците според кои се полага направивме пресметка за тоа колку чини, во пракса добивање на возачката дозвола. Пред да се почне со полагањето потребно е да се обезбедат доволно пари и документи.

За лекарско уверение, прва помош и пробен испит потребни се 1.200 денари, обуката во авто-школите чини меѓу 15.500 и 18.100, во зависност од автомобилот кој се користи. Полагање на полигон, низ град и писмениот испит чинат уште 6.600 денари или сѐ вкупно 25.800 денари.

Сето ова е во случај да ги положите сите испити од прва, нешто што во пракса ретко се случува.

За дополнителни часови треба да платите 600 денари за еден час обука кој трае 45 минути. Доколку паднете на писмен испит, за следното полагање се плаќа 2.000 денари, а ако паднете на полигон или градска, тогаш плаќате уште 3.200.

Грубата пресметка покажува дека, кандидат за возачка дозвола треба да издвои речиси една и пол просечна плата. Ако се погледне во коментарите во форумите, тогаш тоа може да биде и повеќе, па и двојно.

Третата причина за оваа „епидемија“ е што со знаење на родителите или без тие да се свесни, сепак, многу малолетници возат без довола.

Од Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) оценуваат дека бројот на млади лица кои управуваат моторно возило без возачка дозвола е недозволиво висок.

– Загрижува фактот што оваа појава премолчено се одобрува од некои родители кои или не се свесни за последиците од сообраќајните незгоди или ги потценуваат последиците од сообраќајните незгоди со верување дека токму нивното дете не би можело да биде учесник во сообраќајна незгода, вели секретарот на РСБСП, Ристо Манчев.

За да се намалат овие бројки РСБСП реализира едукативни кампањи во чии рамки беа реализирани повеќе активности меѓу кои и активности за едукација на младите и нивно поттикнување за навремено полагање и стекнување со возачка дозвола.

Најпроблематични, условно речено, се адолесцентите, кои очигледно управувањето без соодветна дозвола го доживуваат, барем така велат, како престижно задоволство, а не како сериозна обврска, која на крајот од денот може да резултира и со несакано, ненадоместливи последици.

– Најголемиот број од овие лица се на возраст помеѓу 18 и 25 години, иако неретко се среќаваат и помлади со ненаполнети 16 или 17 години. Тие најмногу управуваат патнички возила, но има регистрирани случаи кога управувале и товарни, претежно комбиња или минибуси, вели портпаролот на СВР Тетово Јосифоски.

Казните се ригорозни и значително може да влијаат врз семејниот буџет. За возачите: 300 евра, а со ист износ на глоба се соочуваат и сопствениците и лицата кои ќе дадат на управување возило на лице без возичка дозвола.

Младешката желба за докажување последица до трагични последици

Јетмир, нашиот соговорник вели дека не е единствен што вози и познава и други, но дел од нив биле казнувани, некои и по два пати. Не сака да зборува за опасноста дека без возачка дозвола ги вози трите деца и сопругата. Убеден е дека е совесен возач кој не ризикува.

Колку се опасна „младешката желба“ за докажување и покачениот адреналин од седнувањето зад волан без дозвола доказ се извештаите од црните хроники каде може да се прочитаат насловите во медиумите: „Загинатиот во Тетово и повредените ноќеска славеле матура“, „Матуранти повредени во сообраќајка на патот Неготино- Кавадарци, возеле поднапиени“ и „Управувале возила без возачки дозволи, се судриле, тројца се повредени“.

Сообраќајните незгоди се водечка причина за смрт и за повреди кај младите лица во Република Македонија и на светско ниво, велат од РСБПС. Голем број на млади лица секојдневно страдаат во сообраќајни незгоди предизвикани од возачи кои немаат возачка дозвола.

Од ова тело посочуваат дека управувањето на моторно возило без возачка дозвола сериозно ја загрозува безбедноста на патниот сообраќај, затоа што тие лица не поседуваат никакви знаења, способности и вештини за управување на моторно возило, а истовремено не се свесни за сериозноста и одговорноста во сообраќајот и за последиците од сообраќајните незгоди.

Зачестени кампањи и засилени контроли

За справување со оваа појава Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата секоја година реализира едукативни кампања која има за цел едукација на младите и подигање на свеста за последиците од сообраќајните незгоди.

– Кампањите и големиот број сообраќајно едукативни активности кои што ги реализира РСБСП, засилените контроли на МВР и унапредувањето на законската регулатива се очекува на долг да придонесе за елиминирање на оваа опасна појава. Минатата година посебен белег остави кампањата „ Младост без лудост“ во чиј рамки беа реализирани повеќе активности меѓу кои и активности за едукација на младите и нивно поттикнување за навремено полагање и стекнување со возачка дозвола, вели Манчев

Како важна активност во овој првац е и соработката на РСБСП со автошколите. Тоа се едукативни предавања за учениците од средните училишта со цел едукација за сообраќајните правила и прописи и беше организиран јавен повик за тестирање и проверка на знаењата од областа на сообраќајот. Како поттик, најдобрите 20 средношколци од четврта година добија ваучери од автошколите за бесплатна обука за стекнување на право за полагање за возачка дозвола. Покрај тоа, РСБСП минатата година изработи прирачник за возачи почетници кои беше дистрибуиран до автошколите и средните училишта со цел едукација на младите за најважните правила и прописи во сообраќајот.

И од СВР Тетово потврдуваат дека по засилените контролни активности на овој план и ефикасното санкционирање на ваквите прекршоци има видливи позитивни ефекти. Во првите три месеци од годинава, на поширокото тетовско подрачје откриени се вкупно 223 лица без возачки дозволи, а лани во истиот период 395.

Зоран Маџовски

Истражувањето е финасирано од Фондацијата Отворено општество-Македонија

(Содржината е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги изразува гледиштата и ставовите на Фондацијата Отворено општество-Македонија)