Економија 30.08.2018 13:34

ЕУ е подготвена да му понуди на Лондон партнерство без преседан по Brexit

ЕУ е подготвена да му понуди на Лондон партнерство без преседан по Brexit

Европската унија е подготвена да и предложи на Велика Британија невидено блиско партнерство откако земјата ќе излезе од блокот, но нема да дозволи ништо што би го ослабнало единствениот пазар. Ова го изјави главниот преговарач на Брисел, Мишел Барние, цитиран од „Ројтерс“.

Двете страни допрва треба да постигнат договор за нивните односи по разделбата, при што преговорите се одложуваат неколку пати. Претходно стана јасно дека двете страни се откажале од крајниот рок, кој го поставија до октомври, а очекувањата се тоа да се случи најдоцна до средината на ноември.

„Подготвени сме да и понудиме на Велика Британија партнерство, какво што немало со која и да било друга трета земја“, изјави Барние за новинарите во Берлин по средбата со германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас. Според него, ова партнерство може да вклучува и односи во сферата на надворешната политика и безбедноста.

„Искрено ги почитуваме британските „црвени линии“. Во замена тие мора да го почитуваат она што сме“, посочи тој и додаде дека не постои единствен пазар „a la carte “, или по избор.

Во исто време британската влада продолжува со подготовките за сценарио без договор, така што претходно оваа недела британскиот премиер Тереза ​​Меј изјави дека „нема да е крај на светот“, ако не дојде до договор пред излегувањето од ЕУ во март 2019-та година.

Според британскиот министер за „Brexit“, Доминик Рааб главни пречки за склучување на договор остануваат прашањата за статусот на ирската граница и споделувањето на информации. Тој исто така потврди присуството на ризик од т.н. „hard Brexit“ кој постои на различни нивоа – од спроведување на преговорите до ратификацијата на евентуалниот договор од земјите членки на ЕУ или Европскиот парламент.

Рааб, исто така, рече дека ако дојде до тоа, Британија би можела да замрзне дел од своите исплати во ЕУ.

Во рамките на договорот меѓу Брисел и Лондон за преодниот период Велика Британија се согласи да плати на ЕУ сума меѓу 35 и 39 милијарди евра во наредните децении, но според Рааб не сите средства се врзани со законски обврски.