Македонија во јануари 2018 година имала 2.075.300 жители наспроти 2.073.700 во истиот период лани, посочуваат резултатите од истражувањето за популацијата што го објави Статистичката канцеларија на ЕУ-Еуростат.
Македонија нема спроведено попис на населението од 2001 година. Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски неодамна во интервју за МИА најави дека новиот попис на населението ќе се спроведе во 2020 година од 1 до 21 април.
Според Еуростат, проценката е дека Европската унија во јануари 2018 година броела 512,6 милиони жители. Зголемувањето на популацијата од 1,1 милиони жители во однос на истиот период лани се должи на миграцијата, бидејќи е забележан поголем број на починати лица од новородени. Германија е најнаселена земја во ЕУ со 82,9 милиони жители. Следат Франција со 67,2 милиони, Велика Британија со 66,2 милиони жители, Италија 60,5 милиони, Шпанија 47,7 милиони и Полска со 38,0 милиони жители.
МИА