Актуелно 20.06.2018 12:06

Еве каде може да дознаете дали ви следува социјална помош или надоместок за технолошки вишок

Еве каде може да дознаете дали ви следува социјална помош или надоместок за технолошки вишок

Во рамките на кампањата за правно зајакнување, Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) ја промовираше новата веб-страница pravnozajakni.mk каде може да се најдат многу корисни информации околу тоа со кои права располага секој граѓанин на Македонија и кои чекори треба да ги преземе доколку се тие прекршени.

Основата на концептот на правно зајакнување е дека луѓето можат самостојно да го користат правото за да најдат конкретни решенија за своите правни проблеми, како и да бараат отчетност од властите за сите преземени дејствија што ги засегаат. Во таа насока, на веб-страницата, граѓаните можат да добијат правен совет за конкретни ситуации во кои се прекршени нивните права, како што се прекин на работниот однос, здравствена заштита, социјална парична помош, семејна пензија и сл. Воедно достапни се и контакти од граѓански организации чија задача е на граѓаните да им помогнат во правната битка, односно да им обезбедат бесплатна правна помош, параправна помош, стратешко застапување и др., контакти кои се од огромно значење за граѓаните, а кои претходно можеби немале каде да ги добијат.

Пристапот до правда за граѓаните не е секогаш нужно поврзан со долготрајни и скапи судски процедури. Општоприфатен став на јавноста е дека до правдата може да стигнат само граѓаните што се финансиски моќни да го издржат тој долготраен процес, што од почеток ги демотивира припадниците на различни маргинализирани групи како и мнозинството граѓани да побараат правна помош во ситуации кога се прекршени нивните права иако на располагање имаат бројни механизми. Токму затоа ФООМ со години, преку своите програми, работи на правно зајакнување на граѓаните и градење на капацитетите на граѓанското општество со цел да го засили потенцијалот на граѓаните да ги остварат своите права.

Досегашната практика на ФООМ покажува дека граѓаните засега ја препознаваат само бесплатната правна помош како единствен облик за пристап до правда. Преку новата веб-страница, граѓаните ќе можат да е запознаат и со останатите облици за пристап до правда со што ќе се стекнат со доволно знаење за да можат самите да се обратат на вистинското место кога ќе се соочат со правен проблем. Тоа е и една од основните причини зошто Фондацијата ја креираше оваа веб-страница.

Фондацијата до сега има реализирано голем број на активности, иницијативи, јавни дискусии и конференции, а оваа веб-страница е продолжение на залагањата на ФООМ насочени кон правно зајакнување на секој поединец.

– Наша основна цел е да креираме институционална рамка за правно зајакнување на сите граѓани, со тоа што ќе обезбедиме различни начини за пристап до правда за граѓаните, вклучително и за најмаргинализираните групи во општеството на локално и на национално ниво. Генералната заложба на ФООМ е насочена кон национална имплементација на досегашните практики за правно зајакнување која ќе се реализира преку партнерство меѓу релевантните државни институции, локалните власти и граѓанските организации кои со години работат на полето на правното зајакнување – велат од ФООМ.

Во текот на активностите за правно зајакнување, кои опфаќаат правна писменост и помош, медијација, организирање на заедницата, водење судски постапки и други форми на застапување на граѓаните, ФООМ се фокусира на унапредување на системските реформи кои се во интерес на ранливите групи граѓани. Според најавите на ФООМ, иницијативата за правно зајакнување е насочена кон тоа да овозможи широка достапност на наведените услуги на национално и локално ниво, но и да обезбеди нивна финансиска одржливост.

 

Извор: Фактор