Повеќе од 80 отсто од Европејците што зедоа учество во интернет-анкета сакаат да го откажат поместувањето на стрелките на часовникот напролет и наесен, објави весникот „Вестфаленпост“.
Анкетата, финансирана од Европската комисија, траеше од јуни до средината на август, а на неа одговориле рекордни 4,6 милиони луѓе.
Од оние што сакат да престане менувањето на времето, повеќето би сакале тоа да се смета по летниот терк, односно два часа напред во однос на Гринич, наведува весникот.
Портпаролот на Комисијата рече дека со неговите колеги темелно ќе ги анализираат резултатите од анкетата, а потоа ќе се обратат во јавност.
Претходно, Комисијата објави дека по завршувањето на анкетата, конечниот резултат ќе биде соопштен во рок од неколку недели.
Иако гласањето не беше обврзувачко, анкетата ќе биде основа за одлучување дали да се промени постојниот закон. Во тој случај секоја промена ќе треба да биде одобрена од Европскиот парламент и земјите членки на Унијата.