„Facebook“ претставува најголема тревога меѓу компаниите од групата „FAANG“ – технолошките гиганти „Facebook“, „Amazon“, „Apple“, „Netflix“ и „Alphabet“.
Ова мислење го изрази Реј Ванг, аналитичар и основач на „Constellation Research“ во интервју за „CNBC“.
„Дигиталната економија работи со доверба, а тие ја уништија оваа доверба на толку многу нивоа“, рече тој.
Според зборовите на експертот голем дел од проблемите на социјалната мрежа поврзани со довербата, се фокусирани околу главниот оперативен директор Шерил Сенберг откако во „New York Times“ ги поврза проблемите на компанијата со нејзиното управување.
На прашањето за тоа дали е можно Сенберг да ја напушти позицијата, Ванг посочи дека ваквите тврдења се наоѓаат во категоријата „гласини“.
„Сметам дека е потребно да се има некој вид на промена на управувањето или да биде назначен некој на кого пазарот има доверба да се погрижи за овие проблеми и да се зафати со прашањата за личните податоци и сајбер безбедноста категорично, затоа што тоа денес не е направено“, посочи тој.
Коментирајќи друг технолошки гигант од Силиконската долина, Ванг изјави дека „Apple“ погреши при утврдувањето на цените. Ова важи особено силно во Индија, каде што компанијата побара повисоки цени на своите производи и како резултат на тоа го „испушти целиот пазар“.
Експертот исто така додаде дека меѓу другите пропусти на „Apple“ е и тоа дека виртуелниот асистент „Siri“ – „се уште не функционира“, компанијата нема ништо во замена за милионите потрошени за својата апликација за мапи, а постојат проблеми и со „Apple Watch“ и функцијата „ECG“.
Ванг не пропушти и да напомене дека тековниот конфликт меѓу САД и Кина исто дополнително ќе покаже ефект врз претставувањето на компанијата.
Сепак тој остана оптимист за иднината на „Apple“ надвор од краткорочните нејзини тешкотии.
„Генерално тие се справуваат добро со преминот од приходи од производи кон приходи од услуги, и сметам дека тоа ќе им се исплати на долг рок“, рече тој.