Во собраниска процедура влезе предлогот за измени на Законот за трговските друштва кои предвидуваат друштво со ограничена одговорност да може да се отвори со основачки капитал од 1 евро.
„Целта на предлог на законот е да се овозможи основање друштво со ограничена одговорност со симболичен минимален износ на почетен основачки капитал од 1 евро, од страна на лица-граѓани кои имаат идеја за водење бизнис, но немаат доволно средства во износ од најмалку 5.000 евра основачки капитал, за да отпочнат сопствен бизнис. Со примената на одредбите од Предлог законот се очекува и намалување на сивата, нелегална економија во државата“, се вели во предлог-законот.
Со него, се воведува нов тип друштво со ограничена одговорност, кој го носи насловот „Поедноставено друштво со ограничена одговорност-ПДОО“.
Друштвото може да има најмногу до тројца основачи-физички лица, од кои еден е управител, односно член на органот на управување. Со оглед на тоа што станува збор за друштво со основна главнина од 1 евро, се предлага воведување посебен режим за финанисиско работење во однос на располагање со добивката, како и обезбедување и располагање со задолжителната резерва на друштвото.