Актуелно 26.06.2018 12:24

Фирмата „Деклус-ауто“-донатор на СДСМ повторно доби тендер за возила

Фирмата „Деклус-ауто“-донатор на СДСМ повторно доби тендер за возила

Фирмата „Делукс – ауто“ од Куманово, донатор во партиската каса на СДСМ доби нов бизнис од државата. По набавката на 45 шкоди за полицијата вредни еден милион евра, „Делукс – ауто“ од Куманово, ќе го снабди со нови 11 возила и Министерството за одбрана. Фирмата победи на тендерот вреден 153 илјади евра. Министерството за одбрана за набавката на нови автомобили добила пет понуди, но победи токму кумановската фирма зашто дала најниска цена. Најскапиот автомобил купен од „Делукс – ауто“ чини речиси 32 илјади евра. Станува збор за „Шкода Суперб“ со јачина на моторот од 190 коњски сили. Поефтини се возилата „Шкода Октавија“. Министерството купило две, за по 22 илјади евра. Освен овие возила, набавени се и автомобили кои не го имаат приматот луксузни или осум „Шкоди Фабии Комби“ со вкупна вредност од 77 илјади евра. Од Министерството за одбрана за Алсат објаснија дека потпишаниот договор бил за речиси 2 милиони денари поевтин во однос на проектирната сума за набавка на возилата.

Министерство за одбрана:

„По добиена донација од Чешка, утврдена е потреба за набавка на патнички моторни возила за потребите на секторот – служба за воена безбедност и разузнавање, согласно намената на донираните средства. Возниот парк на оваа служба беше амортизиран, небезбеден и необновен повеќе години. Во Договорот за донација е наведено дека донираните средства треба да се употребат за возила за оваа служба. Овластените службени лица возилата ќе ги користат за извршување на секојдневните работни задачи. Спроведена е транспарентна постапка за јавна набавка согласно Законот за јавни набавки.“

Пред три месеци, новинарската истражувачка мрежа БИРН, откри дека набавката на 45 „шкоди“ за граничната полиција без тендер, ја направила кумановската фирма „Делукс – ауто“. Според податоците на БИРН, фирмата од Куманово била на листата донатори на СДСМ во 2016 година, а возилата биле набавени со донација од еден милион евра од Република Чешка. Истражувањето покажа дека „Делукс – ауто“ во минатото не набавувала возила за други државни институции. Преку веб-архивата на Бирото за јавни набавки БИРН уврди дека оваа фирма му продавала резервни делови на кумановското јавно претпријатие за чистота и зеленило кое е под надлежност на општина Куманово која изминативе годнни ја води СДСМ. Од МВР пак, набавката на возилата ја правдаа со итност, а полицијата имала на располагање можност, наместо тендер, директно да преговара со увозници и дилери на нови автомобили во земјава.