Актуелно 25.08.2018 11:27

„Фрштат“ вработувања среде референдумска кампања

„Фрштат“ вработувања среде референдумска кампања

Продолжуваат масовните вработувања во администрација во ек на референдумска кампања. Последен во низата е Град Скопје.

Имено на официјалната страница на системот за Јавни набавки има објавено оглас со број 143/2018 во кој под назив на договорениот орган стои Град Скопје и во овој оглас како предмет на договорот на јавна набавка стои ангажирање на агенција за обезбедување на услуги за привремени вработувања со вредност на договорот од 3.559.322 денари или околу 60 илјади евра без ДДВ. Со ДДВ сумата ќе достигне нешто над 70 илјади евра.

Неколку дена пред да биде објавен овој оглас Град Скопје го поништува претходниот оглас со број 138/2018 објавен на страната на системот за Јавни набавки и кој што е со иста вредност на договорот од 3.559.322 денари.

Разликата помеѓу двата огласи е што во новиот оглас со број 143/2018 е додаден опис, односно како предмет на јавната набавка стои: Услуги за обезбедување на персонал вклучувајќи и привремен кадар.

Неодамна во јавноста излезе информација за тоа како владата користи одредена шема за вработување на својата партиска војска во државните институции додека на големо ја критикуваше претходната влада за обемна и партизирана администрација.

Според упатените најлесно да се вработи партиски кадар, а да не биде преку оглас е да се ангажира преку договор за привремено вработување, па по неколку месеци да се вработи со договор на неопределено.

Разликата меѓу редовното вработување и она што е со привремено вработување е што секој што сака да се вработи во државната администрација треба прво да се пријави на оглас за чие одобрување  согласност треба да даде министерот за финансии и да се поминат сите филтри како што е интервју за работа и исполнување на одредени критериуми и стандарди.

Но кај оние со привремени вработувања доволно е да се ангажира Агенција за привремени вработувања, која оди во ставка “услуги“ на која ќе и се се исплати одреден надоместок за нејзината улога и толку.

Други критериуми и квалификации не се потребни. Најважната работа кај овие вработувања е што овие договори од привремени со постоечкиот закон се трансформираат во договори на неопределено време, што остава простор за злоупотреба и вработување на „партиски послушници“.

Инаку со годишниот план за вработување на Град Скопје, кој се најде на усвојување пред градските советници на седницата одржана пред неколку дена, вкупниот број на нови вработувања годинава ќе изнесува 94 лица, од кои 44 во администрацијата и 50 пожарникари. Вработувањето на пожарникарите уште не е реализирано.

Советот на Град Скопје, на седницата одржана на 27 декември 2017 даде согласно за нови 52 вработувања, меѓу кои 22 административци и 30 пожарникари. На седницата одржана во март 2018 бројот се зголеми за дополнителни 20 пожарникари и 3 административци и сега со новата тура се вработуваат дополнителни нови 19 лица во администрацијата.