Германија и Холандија имале огромни бенефиции од еврото во текот на изминатите 20 години од неговото воведување, а во речиси сите други членки на еврозоната единствена валута беше значителна тежина за економски раст, според една нова студија.
Истражувањето на германскиот институт “Центар за европска политика”, покажува дека земјите од еврозоната кои најсилно биле посветени на конзервативната фискална политика и кои биле најмногу критични настроени за спасување на најзадолжените земји во еврозоната во текот на тие години, имале најголема корист од заедничката европска валута.
Воведено во 1999 година, еврото предизвика силен раст на кредитите и инвестициски бум поради предностите од ниски каматни стапки во Германија, каде потоа се рашири низ земјите-членки на периферијата на еврозоната.
Сепак, овие долгови станаа тешко одржливи по финансиската криза од 2008 година, каде Грција, Ирска, Шпанија, Португалија и Кипар беа принудени да побараат финансиска помош поради забавување на растот и недостаток на финансирање.
Од почетокот на воведувањето на еврото во 1999 до денес, се проценува дека Германците во просек кумулативно се побогати за 23.000 евра, холанѓаните за 21.000 евра.
Од друга страна, Италијанците и Французите во просек се посиромашни за 74.000 и 56.000 евра, според истражувањето.
Ирска е една од најбрзо растечките економии, но не е вклучена во студијата, бидејќи тие немаат соодветни податоци, истакнуваат авторите.
Авторите на студијата Алесандро Гаспароти и Матијас Кулас, проценија како би се развивало БДП-то во осум земји од еврозоната доколку не го усвоиле еврото како заедничка валута, и ги споредиле нивните криви на раст со оние економии кои немаат воведено евро валута, а кои претходно покажале слични трендови на раст.
Меѓу економиите кои се споредувани со Германија беа Бахреин, Јапонија и Велика Британија, Италија беше споредена со Израел. Португалија е споредувана со земји како Барбадос и Нов Зеланд.
Кај повеќето членки на еврозоната имаше периоди кога валутната унија донесе поголема корист од штета.
“Во првите неколку години по воведувањето на еврото, Грција имаше огромен профит од еврото, но од 2011 година се соочува со огромни загуби”, пишуваат авторите. Во текот на целиот период од воведувањето, Грците во просек станаа побогати за 190 евра, отколку што би биле без еврото.
Бидејќи не им беше дозволено валутни девалвации со што ќе се врати конкурентноста, земјите губитници беа принудени повеќе да спроведат структурни реформи, заклучуваат авторите, истакнувајќи ја Шпанија меѓу земјите која е на пат да го поништи дефицитот кој се акумулираше од воведувањето на еврото.