Економија 06.08.2018 11:30

Глобите за царински прекршоци се намалуваат за 75%

Глобите за царински прекршоци се намалуваат за 75%

За 75 проценти во просек се намалени глобите за царинските прекршоци за кои е предвиден мандатен платен налог, односно за оние кои можат да се платат на лице место. Со измените на Царинскиот закон, соопштуваат од Министерството за финансии, се врши намалување на глобата од 250 евра на 50 евра за правно лице и од 50 евра на 15 евра за физичко лице.

Како што истакна министерот за финансии Драган Тевдовски, целта на измените е подобрување на легислативата во насока на создавање на униформна, правична и пропорционална примена на прекршочните одредби, соодветно на тежината на сторениот прекршок.

Со измените на Царинскиот закон се овозможува и побрз проток на стоките. Имено, тој овозможува заемното признавање на издадените одобренија за овластен економски оператор во рамките на ЦЕФТА. Ова е голема придобивка за македонските трговски друштва кои тргуваат во регионот. Признавањето на одобренијата за економски оператот ќе овозможи побрз проток на стоката која се извезува, помалку физички и документарни контроли и можност да се одбере местото каде ќе се спроведат контролите. Сето ова ќе придонесе за олеснување на регионалната трговија.

Со измените на законот се врши и усогласување со Конвенцијата за заедничка транзитна постапка. Со нив се усогласуваат одредбите кои се однесуваат на употреба на гаранции за обезбедување на плаќање на царинскиот долг или други давачки кои можат да настанат во врска со стоката ставена во транзитна постапка.

Измените на законот стапуваат на сила кон средината на овој месец.