Работиме на економски реформи кои носат раст и реални резултати. Економија што работи за граѓаните, изјави Дафина Стојаноска, пратеник на Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
„Со новите измени и дополнувања на законот за царински тарифи, Собранието ќе даде зелено светло на планот на Владата, да се намалат царински давачки на голем број суровини и репроматеријали кои што се користат во домашната индустрија и енергетика.
Списокот со околу 70 производи кој е составен на транспарентен и инклузивен начин, во соработка со стопанската комора, вклучува намалување до 50% на царинските стапки кои важат во ЕУ, како и укинување на царините за увоз од САД.
Овие измени ќе значат пониски трошоци за домашното производство, а со тоа, зголемена конкурентност на странските пазари, нови инвестиции и повеќе вработувања.
Овие измени значат и дополнителна усогласеност со европското законодавство, а со тоа и клучен чекор напред кон интеграција во Европската Унија.
Укинувањето на царини за стоките со потекло од Соединетите Американски Држави пак, не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, со кој што испраќаме сигнал за зголемена подготвеност за соработка со нашите стратешки партнери и поддршка за слободната трговија“, потенцира Стојаноска.
Таа додаде дека со оваа законска измена македонските компании ќе станат поконкурентни, ќе се намалат цените за производство и ќе се зголеми извозот со што директно ќе влијае на раст на економијата.
Ова е само еден чекор од поширокиот План за економски раст. Клучна измена со која се посветуваме на економијата во пракса, а не само на хартија. Дел од стратегијата кој нуди издржани и применливи решенија, за подинамична економија и поефикасно домашно производство, дополни во изјавата Стојаноска.