Според податоците на Државниот завод за статистика, во јуни 2018 се издадени 205 одобренија за градење, што е за 10.9% помалку во однос на истиот месец од претходната година.
Според експертите ова е алармантно и загрижувачки. Фактот дека градежништвото континуирано оди надолу е опасно по македонската економија. Имено, главниот двигател на економијата е градежништвото кое како гранка повлекува уште други дваесет гранки во стопанството.
Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 2 945 737 илјади денари, што е за 22.6% помалку во однос на истиот месец од претходната година. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 117 (57.1%) се наменети за објекти од високоградба, 45 (21.9%) за објекти од нискоградба и 43 (21.0%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 205 објекти, на 115 (56.1%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 90 (43.9%) објекти инвеститори
се деловни субјекти. Во извештајниот период е предвидена изградба на 554 станови, со вкупна корисна површина од 41 505 м2 .
Економистите предупредуваат дека овогодинашниот БДП проектиран на 2,3 % тешко дека ќе се постигне со вака лоши резултати во градежништвото и во делот на реализирани капитални трошоци кои изнесуваат едвај 16 % во првиот дел од оваа година.
Според експертите владата потфрли да ја крене економијата на нозе и дека стандардот на граѓаните постојано се намалува.