Вниманието на грчката јавност денеска е насочено кон Солун каде што започнува 83. Меѓународен саем. На свеченото отворање ќе се обрати Алексис Ципрас, како што традиционално одржуваат говори грчките премиери и ќе ја објави агендата на владата и политиката што ќе ја следи во следниот период, а во исто време закажани се низа протести, како за економијата така и против Договорот од Преспа.
Солун е под драконски безбедносни мерки, а за да се спречат било какви инциденти ангажирани се над 5000 полицајци од цела Грција.
Свеченото отворање на Саемот ќе биде во 19 часот по локално време, а паралелно се закажани 4 различни протести.
Како што веќе објави МИА, грчките организации од дијаспората и „Комисиите за борба за Македонија“ ги повикуваат Грците „на мирен и решителен начин, без партиски обележја и без говорници“ да излезат на протест Против Договорот од Преспа.
Според грчките медиуми, на повеќе локации во Солун, се појавија постери со грчкиот премиер и со пораката „Непожелен“.
Двата најголеми синдикати на вработените во приватниот и јавниот сектор, исто така ќе одржат протест, но исклучиво поради економската ситуација во земјата, со барање да се поништат сите мерки што произлегуваат од меморандумите.
Синдикатот ПАМЕ на Комунистичката партија на Грција, ги повикува граѓаните да им се придружат и против владината политика, но и поради Договорот од Преспа и НАТО.
Засебни собири закажаа и анархистичките организации и здруженија.
Оваа година, САД се почесна земја на Меѓународниот саем.
Утрово беше свечено отворен штандот на САД, во присуство на американскиот државен секретар за трговија, грчкиот премиер и министри од грчката влада.
Според најавите, се очекува оваа година, Меѓународниот саем во Солун да биде најголем до сега со 1500 штандови од 20 земји, а меѓу нив и Македонија, а процените се дека саемот ќе го посетат над 290 илјади посетители.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, 83. саем започнува денеска, а ќе трае до 16 септември. За време на саемот, обраќања и прес конференции, освен грчкиот премиер, ќе имаат и лидерите на речиси сите грчки политички партии