Украина, која сака да ја продолжи соработката со Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), ќе мора да ја зголеми цената на гасот за домаќинствата, рече премиерот Владимир Гројсман.
„Оваа потреба се наметна затоа што мора да функционираме со екстерно задолжување“, додал тој.
Претходно овој месец Владата донесе одлука да ја продолжи одлуката за замрзнување на цената на гасот најмалку до 1 септември, со што, како што наведе, ги намали своите шанси да обезбеди повеќе пари од ММФ кои ѝ се потребни да ја одржи стабилна економијата која е разнишана со војната.
Украина мора да ја зголеми цената на гасот на пазарно ниво за да се квалификува за поголема помош од ММФ во вредност од 17,5 милијарди американски долари. Државата на почетокот прифати да ја зголеми цената според заеднички договорената формула, но зголемувањето се одложува неколку пати.
Украина од април не доби воопшто пари од ММФ поради забавување на динамиката на спроведувањето на реформите. Тоа ја доведе земјата во ризична ситуација затоа што мора во следните две години да отплати околу 15 милијарди долари девизен долг.