Хрватска има речиси илјада жители со лично финансиско богатство поголемо од 20 милиони долари. Освен тоа, има околу 3,3 милиони граѓани, односно добар дел од хрватското население, чие лично богатство не доаѓа до нивото од 250 илјади долари. Податоците се дел од Извештајот за глобално богатство за 2023 година, објавен од Бостонската консалтинг група.
За потребите на ова глобално истражување користени се податоци засновани на Глобалниот систем на национални сметки добиени од централните и комерцијалните банки, пишува Пословни.хр.
Исто така, меѓу жителите на Хрватска се и нешто помалку од 20 илјади граѓани кои поседуваат финансиски имоти вредни од 250 илјади до еден милион долари. А, пак, во вредност од еден до 20 милиони долари е сопственост на 4.100 лица.
Податоците покажуваат дека финансиското богатство во Хрватска бележи годишен раст од 7,1 процент во периодот од 2017 па се до крајот на 2022. Притоа, достигнат е износ од речиси сто милијарди долари. Очекувањата, пак, се дека до 2027 ќе се зголемува со годишна стапка од просечни 5,9 насто.
„Распределбата на финансиското богатство во Хрватска покажува многу поздрава и поеглитарна слика, бидејќи околу седум отсто од вкупното финансиско богатство го поседуваат оние со помалку од 250 илјади долари. Додека на глобално ниво тоа е 32 проценти. А, ултрабогатите луѓе, кои располагаат со повеќе од 20 милиони долари, поседуваат само шест отсто од вкупното финансиско богатство во Хрватска, за разлика од повеќе од 20 отсто во светот“, изјавил Томислав Чорак, диrектор и партнер на БЦГ.
Инаку, според податоците од пописот во 2021 година, во Хрватска живеат 3.888.529 лица.