Актуелно 01.11.2018 12:43

ИК на ВМРО-ДПМНЕ одлучи: Мицевски нов координатор на пратеничка група, избрани и нови в.д. претседатели на УМС и УЖ

ИК на ВМРО-ДПМНЕ одлучи: Мицевски нов координатор на пратеничка група, избрани и нови в.д. претседатели на УМС и УЖ

Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ вчерашната седница ја посвети на актуелната дневно политичка и економска состојба во државата и на внатре партиските случувања при што беа разгледани низа кадровски прашања, информираат од партијата.

-Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ го потврди изборот на Никола Мицевски за нов координатор на пратеничката група на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ во Собранието на Република Македонија. Мицевски едногласно беше избран од колегите пратеници на координацијата на пратеничката група по предлог на досегашниот координатор Драган Данев. Никола Мицевски е искусен пратеник на ВМРО-ДПМНЕ од Штип, а за нов координатор беше предложен од досегашниот координатор Драган Данев, кој од лични причини се повлече од функцијата координатор, стои во партиското соопштение и се додава:

„Членовите на ИК на вчерашната седница му одадоа признание и благодарнoст на досегашниот координатор Драган Данев за неговото залагање и вложување во еден исклучително тежок период на работење и политичко делување и во Собранието на Република Македонија и севкупно во државата. Истовремено информираме дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ во иднина ќе делуваат како една пратеничка група. Смената на координаторот на пратеничката група не е во врска со актуелните случувања во и околу партијата, туку е исклучиво заради натамошното поефикасно делување на пратеничката група“.

На редовниот состанок на Извршниот комитет, се додава, беа констатирани оставките на Даниела Рангелова и на Лука Кржалоски од позициите претседател на Унијата на жени односно Унијата на млади сили, и донесе одлука да се започне со процедура за распишување на процедура за избор на нови раководни тела на УЖ и на УМС. До изборот на претседатели на УМС и УЖ, Извршниот комитет за В.Д претседатели ги именуваше Јован Јаулески и Благица Ласовска.

-Во однос на актуелната политичка состојба, беше констатирано дека без оглед на сите закани, уцени и притисоци, партијата продолжува на истиот курс во заштита на највисоките државни и национални интереси. Партиските акти изгласани на валандовскиот и кумановскиот конгрес и изборната програма на која што членовите, активистите и симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија дадоа поддршка за не менување на Уставот со цел промена на уставното име и натаму остануваат основен приоритет во натамошното делување. Извршниот Комитет исто така ги истакна и евро-атлантските определби на партијата и поддршката на процесите кои значат реформи во државата кои имаат цел да ја приближат Република Македонија кон стандардите на ЕУ и НАТО. Членството на Македонија во ЕУ и НАТО останува приоритет во делувањето на ВМРО-ДПМНЕ, но со особен акцент на не нарушување на достоинството на Македонија и македонскиот народ.

Најнови вести