Шведската компанија за опремување на домот „Икеа“ соопшти дека укинува 7.500 работни места во светот поради новата стратегија за отворање повеќе продавници во градските центри и насочување кон онлајн-продажбата.
„Икеа“ наведе дека на овој начин ќе може да се насочи кон својата платформа за електронска трговија со цел поефикасно да одговори на потребите на купувачите и да биде подостапна и евтина за поголем број луѓе.
Компанијата воведува нова стратегија за отворање продавници во градските центри на 30 поголеми града.
„Гледаме дека малопродажната сцена се трансформира со размери и брзина што досега не сме ја виделе и ‘Икеа’ треба да инвестира во развојот на продажбата за да одговори на потребите на потрошувачите на подобар и нов начин“, изјави денеска Јеспер Бродин, генерален директор на најголемата малопродажба во рамките на икеа-системот.