Италијанскиот министер за економија Џовани Триа ги разгледува опциите за намалување на прогнозите за буџетски раст за следната година во обид да постигне договор со Европската комисија за фискалната политика. Ова е објавено од извор од Владата цитиран од „Ројтерс“.
Минатиот месец ЕК го отфрли нацрт-буџетот на Рим, тврдејќи дека тој не одговара на обврските на земјата за намалување на дефицитот и не гарантира намалување на долгот, кој е и втор по големина во еврозоната, како удел од бруто домашниот производ.
Италијанската влада има време до вторник да поднесе нов фискален план. Инаку, Брисел ќе отпочне дисциплински мерки против Италија.
Во последниот повеќегодишен план, објавен во почетокот на октомври, Рим ги преиспита своите цели за раст, а прогнозите за 2019-та година се за зголемување на БДП-то за 1,5%.
Во петокот, Триа рече дека земјата има намера да се држи до главните столбови на својата буџетска рамка.
Сепак според извор, Министерството за финансии е подготвено да ги намали очекувањата за раст на БДП-то, во обид да го убеди Брисел дека земјата нема да ги надмине зададените вредности на дефицитот од 2,4% од БДП-то во 2019-та година.
Претходно „La Repubblica“ соопшти дека министерот подготвува намалување до 1%, а според весникот „Il Messaggero“ намалувањето ќе биде до 1,2%.
Добро познатиот извор, исто така, укажува дека Триа, исто така, размислува за воведување на автоматски механизам за намалување на јавната потрошувачка за да го задржи дефицитот под зададените вредности.
Европската комисија во четвртокот рече дека очекува италијанската економија да расте со стапки побавно, отколку што се очекуваше во Рим во текот на следните две години. Според предвидувањата од Брисел, италијанскиот БДП ќе се зголеми за 1,2 отсто во 2019-та година, при што се очекува дека и дефицитот ќе биде поголем.
Во својот говор во петокот, Триа рече дека наглото намалување на буџетскиот дефицит, како што бара ЕУ, ќе има самоубиствено влијание врз италијанската економија.
Според неговите зборови, економското забавување го направи буџетот за проширување уште попотребно.