Весело, со богат огномет и новогодишна програма прилепчани ја пречекаа Новата 2019 година на плоштадот „Методија Андонов Ченто“. Со одбројувањето и исчекувањето на првите секунди во Новата година прилепчани ги упатија желбите и надежите за среќна, поуспешна и побогата година исполнета со поспокоен и мирен живот. Честитајќи им ја Новата 2019 година, посакувајќи им среќа, здравје, љубов, прилепскиот градоначалник Илија Јованоски ја прогласи 2019 за година на сплотеноста и единството.
-Поминавме бурна и година полна со предизвици. Во оваа 2019 година, на нашите сограѓани им посакувам да имаат трудољубивост, да имаат хармонично семејство и да бидат сите заедно. Оваа нека биде година на единството и на хуманоста. Само со сплотеноста и заедништвото можеме да одиме напред и да имаме иднина. На сите граѓани на Прилеп и на Македонија им посакувам среќа, здравје љубов во Новата 2019 година, изјави Јованоски.
Првото бебе во Прилеп е женско. Се роди пет минути по полноќ. На семејството Кедиоски му е второ дете. Среќната мајка Андријана во градската болница „Борка Талески“ ја посети прилепскиот градоначалник Јованоски и на бебето Ива во име на Општината му подари штедна книшка со 15.000 денари.
-Јас сум пресреќната мајка на првото родено бебе во новата година. Многу сум среќна и сум благодарна на целиот тим на болницата. Поубав подарок во Новата година не можев да добијам. Ќерката ќе се вика Ива, тежи 4 килограми и ова ни е второ дете. Се е во ред, пресреќна сум, рече мајката на првото бебе во оваа година во Прилеп, Андријана Кедиоска.
Според надлежните, новогодишната ноќ поминала мирно и без проблеми.