Актуелно 19.03.2025 11:44

Јанев: Немало и нема да има поколебливост во одлучноста за победа над институционалниот криминал

Јанев: Немало и нема да има поколебливост во одлучноста за победа над институционалниот криминал

Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев преку социјалните мрежи порача дека прават се што е нивна моќ, знаење и капацитет за темелно да ги истражат причините за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој животот го загубија 59 лица, а одговорните да ги изведат пред лицето на правдата без исклучок за кого се работи.

-Од првиот ден на моето назначување со тимот околу мене, нашата постојана посветеност е да го демонтираме и уништиме монструмот кој е раширен како канцер низ целиот институционален систем, монструмот што е создаван и растен со децении во нашата Македонија. Лично јас, од првиот ден кога сум вработен во МВР, а и кај секој еден чесен професионалец на полицијата, немало и нема да има поколебливост во одлучноста и решителноста да ги извојуваме битките кои водат кон успех и победа над овој институционален криминал. Верувајте, работиме со натчовечки сили да ги подобриме безбедносните стандарди и да се осигураме дека таквите несреќи нема да се повторат. Во овие тешки моменти, ние како заедница треба да се сплотиме и да се поддржуваме едни со други. Како и претходно, и сега ја повикуваме целата јавност, сите општествени и чесни институционални чинители да ни се приклучат во уништување на монструмот. Заедно, ние ќе го надминеме ова искушение и ќе го истрасираме и изградиме патот кон побезбедна иднина за сите нас, порачува Јанев.

Директорот на БЈБ изрази сочувство до семејствата и пријателите на сите оние кои ги загубија животите, а на повредените им посака брзо и успешно закрепнување.