Финансии 12.02.2025 10:42

ЈАВЕН ПОВИК за доставување на барања за финансиска поддршка од ИПАРД Програмата 2021-2027

ЈАВЕН ПОВИК за доставување на барања за финансиска поддршка од ИПАРД Програмата 2021-2027

Врз основа на Анекс А клаузула бб став 1 точка б од Законот за ратификација на Рамковната спогодба за финансиско партнерство помеѓу Европската Комисија и Република Северна Македонија застапувана од Владата на Република Северна Македонија за посебните постапки за спроведување на финансиската помош на Унијата за Република Северна Македонија според инструментот на претпристапна помош (ИПА 3) (,,Службен весник на Република Северна Македонија,, бр.235/22) и врз основа на ИПАРД Програмата (2021-2027) и член 6 од Уредбата за начинот и постапката за користење на финансиска поддршка за мерките за рурален развој финансирани од ИПАРД Програмата (2021-2027), (,,Службен весник на Република Северна Македонија,, бр.88/23)

Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој

на 12 фебруари 2025 година објавувa

ЈАВЕН ПОВИК бр. 01/2025 за доставување на барања за финансиска поддршка од ИПАРД Програмата 2021-2027

1. Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (во понатамошен текст: Агенцијата) како надлежна институција и договорен орган за спроведување на Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на ЕУ (ИПАРД) ги повикува сите заинтересирани физички и правни лица од Република Северна Македонија да достават барања за финансиска поддршка од ИПАРД Програмата 2021-2027 за следните мерки:

1. Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства

2. Финансиската поддршка за овој Јавен повик е составена од 75% средства обезбедени од Инструментот за претпристапна помош за рурален развој на Европската Унија (ИПАРД) согласно ИПАРД Програмата 2021-2027 и 25% средства обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија.

3. Финансиски средства по поединечно барање се доделуваат како неповратна финансиска поддршка (грант) во износ од:

3.1. 60% од вредноста на вкупно прифатливите трошоци на инвестициите за мерка Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства. Процентот се зголемува до 65% за инвестиции во земјоделски стопанства во планинските области согласно Листата на планински области и 70% за инвестиции во земјоделски стопанства предложени од страна на млади земјоделци (физички лица на возраст од 18 години до 40 години на денот на поднесување на барањето за финансиска поддршка)

Највисокото кумулативно/комбинирано ниво на поддршка не смее да надминува 75%.

4. Крајниот рок за поднесување на барањата е 29 март 2025 година

Вкупната финансиска поддршка во рамки на овој јавен повик за мерка 1 “Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства“ изнесува 7.415.335 евра или 456.154.330,88 денари.

Курсот на еврото за овој јавен повик изнесува 61.515 ден.

5. Подигнување на обрасци и упатства:

Потребните обрасци како „Барање за финансиска поддршка од мерка 1 Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства“, и „Упатство за корисници од мерка 1 Инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства“во кои се содржани сите информации за критериумите, условите за прифатливост на проектите и условите за финансирање и останати информации кои се неопходни за изготвување на барање за финансиска поддршка по соодветна мерка од ИПАРД Програмата 2021-2027, Упатство за изготвување на Деловен План / Технички Предлог Проект, Упатства за издавање на неопходната документација од надлежните институции и останати корисни информации во електронска верзија може да се превземат од веб-адресата на Агенцијата: www.ipardpa.gov.mk.

6. Начин на поднесување на барањето:

Корисникот треба да пополни и поднесе Барање за користење средства од ИПАРД Програмата 2021-2027 за поединечна мерка, Деловен План изработен согласно Упатството за изработка на Деловен План или Технички предлог проект и придружна документација како што е наведена во овој Јавен Повик.

Пополнетото Барање за користење средства од ИПАРД Програмата 2021-2027 заедно со Деловниот план/Техничкиот предлог проект и целокупната потребна документација се доставуваат во затворен плик со назнака на предната страна на пликот во горниот лев агол “НЕ ОТВАРАЈ“ за Јавен оглас ИПАРД 2021-2027 број 01/2025 и назначување на мерката за која се поднесува барањето. Барањето може да се достави по пошта како препорачана пратка или лично во писарницата на Агенцијата.

Напомена: Заради извршувањето на контролата на терен од страна на Агенцијатa потребно е корисникот да има кај себе копии од целокупната документација доставена до Агенцијата. Подетални информации на контакт тел. (02) 3097-460, 070/229-434 (сектор за одобрување на проекти), 070/229-328 (сектор за одобрување на исплати) или на контакт е-маил адреса: ipardpa.info@ipardpa.gov.mk и на веб-страната: www.ipardpa.gov.mk.