Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја поддржа најавата на Јунајтед Груп (СББ, Телемач и Тотал ТВ)
во наредните пет години да вложи повеќе од 600 милиони евра во Југоисточна Европа.
Јунајтед Груп, водечки кабелски оператор во обезбедувањето услуги за телевизија, интернет, фиксна и
мобилна телефонија во Југоисточна Европа, кој потекнува од мала компанија основана во 2000 година од
страна на Драган Шолак, ќе ги инвестира овие средства во развојот на локалната инфраструктура,
отворање нови работни места и креирање нови деловни можности, соопшти компанијата.
Претседателот на ЕБОР Сума Чакрабарти, како домаќин на Годишното собрание и бизнис форум на ЕБОР во
Јордан во 2018 година, се сретна со претседателот на Управниот одбор на Јунајтед Груп, Шолак, со кого
разговараше за поттикнување на економскиот раст во регионот, се додава во соопштението.
ЕБОР е еден од клучните инвеститори во Југоисточна Европа секоја година со околу една милијарда евра
за нови проекти. Поддршката на регионалната интеграција преку инвестирање во инфраструктурата и
фокусирање на поврзувањето се меѓу приоритетите на Банката во поттикнувањето на економскиот развој
и животниот стандард.