Актуелно 18.01.2019 20:17

Како работи македонската Царина- Сопруг на финансовата директорка лапна милионски тендер

Како работи македонската Царина- Сопруг на финансовата директорка лапна милионски тендер

Сопруг на помошник директорката на Секторот за финансиски прашања во Царинската управа, Саша Сашек Гошева, добил тендер од Царина за одржување интегрален информативен систем, во вредност од 3.999.492 денари, со вклучен ДДВ, објави Нетпрес.

Порталот открива непотизам во Царина, објавувајќи го Договорот кој е склучен помеѓу Царинската управа, застапувана од директорот Ѓоко Танаскоски и Друштвото за услуги СРЦ, застапувано од Ѓеорги Гошев, сопруг на првиот човек во Финансии, Сашек. Помошник директорката на Финансии официјалната страница на Царинската управа е потпишана само со нејзиното моминско презиме. Но, сепак таа го има и презимето на својот сопруг- Гошева.

Дека фирмата со која управува Гошев го лапнала тендерот, и покрај судирот на интереси и непотизмот кој постои, потврдува и објавата на сајтот за Електронски систем за набавки.

Царина, каде помошник директор за финансии е Сашек, му овозможува на нејзиниот сопруг да добие тендер. Притоа фирмата на Гошев е единствената фирма која се пријавила на огласот за јавни набавки, а според извори од Царина, причина за тоа е фактот што критериумите за понудувач биле скроени според карактеристиките и работењето на СРЦ. На тој начин и е овозможено на СРЦ да лесно да стигне до потпишување на договор за одржување на интегрираниот информативен систем во Царина во тек на 12 месеци.

Ова е само еден од многуте наместени тендери од страна на актуелната Влада. Истовремено е и доказ за основаноста на сѐ поголемиот број критики и поплаки од функционирањето на Царинската управа. Лични интереси, наместени тендери, „удомени“ партиски несоодветни кадри, како и свои блиски луѓе. Останува впечатокот дека актуелниот директор Танаскоски не покажа дека има капацитет и моќ да ги постави работите во институцијата која најмногу го полни домашниот буџет.