Производителите на бостан загрижени поради достигнатата ниска цена на лубеницата. Овој земјоделски производ деновиве се продава по само 5 денари за килограм, што е исклучително ниска цена ако се знае дека тоа не ги покрива минимум трошоците за негово производство. Дополнително грижата е уште поголема ако се знае дека се откупени само 30 осто од бостанот и таа цена ке паѓа засилено наредниот период.
Досега нема никаква реакција од Министерството за земјоделие и министерот Љупчо Николовски кон кого се насочени земјоделските барања за интервенција во откупната цена и зголемена поддршка. Но засега тој нема слух за земјоделските барања.
Стојан Петрески од струмичко, кој е долгогодишен производител на бостан, изјавува дека бостанот наместо на трпезата, ќе заврси во реките, владата нема никаков слух.
– 15 години садам бостан, како што е оваа година лошо, никогаш порано. 5 денари е потценувачка цена, не стига ниту за основни трошоци. На крај поисплатливо ќе ни биде да го фрлиме во река, вели земјоделецот Петрески.
Најпогоден регион за овој производ е струмичкиот, струмичкото поле, Босилево, Василево, Ново село, но истиот проблем е и во другите делови на државата каде има насаден бостан. Земјоделците најавуваат порадикални мерки доколку нема брза реакција од Владата за овој проблем.