Профитите не одат секогаш рака под рака со висината на платите. Тоа е секојдневието во корпоратовниот сектор, а исклучок не се ни финансиските друштва што се занимаваат со брзи кредити. Факт е дека таму платите се поголеми од националниот просек, но во друштвото кое има најголема добивка и каде што има најмногу вработени нема и најголем просек на плати, покажува анализата на податоците од 2022 година, што ја направи Пари во соработка со платформата Бизнисмрежа.
Како што веќе пишуваше порталот Пари (https://pari.com.mk/pari-otkriva-profitite-od-brzi-krediti-se-dvizat-do-48-milioni-evra/), најголема добивка минатата година имало финансиското друштво ФЛЕКС КРЕДИТ ДОО Скопје, кое направило чист профит од 4,8 милиони евра. Во ова друштво работеле 180 работници, а просечната нето-плата била 30.021 денари и со овој просек, најпрофитното друштво не влегува во ТОП 5 финансиски друштва по висина на плата.
Најсреќно вработените во овој сектор се во ФИНТЕК ДОО Скопје, каде просекот минатата година бил 80.192 денари. Тоа е огромен скок во однос на 2021 година, кога просечната плата во ова финансиско друштво била 50.769 денари. Финтек ДОО Скопје, е препознатлива како бренд за брзи кредити Тиго. Во Финтек лани имало 80 вработени, и тоа е второ по добивка меѓу финансиските друштва, со добивка од над 3,8 милиони евра. Како членови на орган на управување, во ажурираниот Регистар на финансиски друштва објавен од Министерството за финансии, се наведени Оскарс Дзалбс и Арлинда Муја. Друштвото единствено се занимава со одобрување на кредити.
На второ место по плати е ИУТЕ КРЕДИТ МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје. Таму ланската просечна плата била 59.600 денари, и во ова друштво имало значителен скок во однос на 2021 година, кога просекот бил 45.583 денари. Во друштвото лани имало 91 вработен. Со приход од 15,5 милиони евра, тоа е прво по вкупно собрани пари, а со добивка од 170.000 евра е многу зад најпрофитабилните. Односно, ова финансиско друштво прилично несебично ја дели заработката со своите вработени. Управител е Горан Василев, а покрај со брзи кредити, друштвото се занимава и со издавање и администрирање кредитни картички.
Во М КЕШ Македонија ДООЕЛ Скопје ланскиот просек на плата бил 47.077 денари, што е 40 проценти повеќе отколку во 2021 година, кога просекот бил 33.541 денари. Со новиот просек, лани М кеш се позиционирал на трето место меѓу најдобрите работодавачи во овој сектор во однос на плати. Во М кеш лани работеле 91 вработен. М кеш се наоѓал на четврто место по добивка (1,49 милиони евра) и на четврто место по приход (7,1 милион евра). Управувањето на друштвото е во рацете на Бјанка Катру. Дејности на друштвото се одобрување кредити, факторинг и издавање гаранции.
ФАКТОР ИН ДОО Скопје не е ниту во првите 5 по добивка, ниту во првите 5 по приход, но затоа е на четврто место по плати. Лани тамошниот просек бил 45.947 денари, или 15 проценти повеќе во однос на 2021 година, кога просечната нето-плата изнесувала 39.934 денари. Но, овде работат само двајца. Тие успеале лани да направат вкупен приход од речиси 600.000 евра, што е за 120 проценти повеќе отколку во 2021 година. Повеќе од половина од направениот приход е чиста добивка – односно во 2022 година таа била 365.000 евра. Интересно е што за ова друштво не може да се најде никаква реклама, како што обично прават компаниите за брзи кредити, но може да се најде во Регистарот на финансиски друштва објавен од страна на Министерството за финансии, а како управител се јавува Даница Џутеска. Друштвото се занимава со одобрување кредити, издавање и администрирање кредитни картички, факторинг и издавање гаранции.
На петто место по плати е ЕАЗУ ФАЈНАНС АД Скопје. Таму ланскиот просек бил 40.404 денари, за разлика од претходната година, кога просекот бил 38.973 денари. Таму лани работеле 15 вработени, а друштвото не влегува ниту во петте компании со најголема добивка, ниту со најголем приход. Ланската добивка на Еазу фајнанс била 358.000 евра, а вкупните приходи изнесувале 1,5 милиони евра. Членови на органот на управување се Шерефедин Амити, Анита Богоевска и Рајна Петкова Енчев. Покрај со одобрување кредити, друштвото се занимава и со издавање и администрирање кредитни картички и со факторинг.
Од анализата на податоците за платите може да се види дека има раст и на платите, како и раст, или стагнација, на бројот на вработените во компаниите каде најмногу се ценел трудот на вработените.
ТОП 5 ФИНАНСИСКИ ДРУШТВА ПО ПЛАТИ ВО 2022 ГОДИНА
(во денари)
Иуте, Финтек и М Кеш се и во друштвото на 5 најголеми работодавачи, а истовремено и во 5 компании со најголеми плати. Во групата 5 најголеми работодавачи влегуваат и Флекс кредит ДОО Скопје и СН финансии ДОО Битола.
ТОП 5 НАЈГОЛЕМИ РАБОТОДАВАЧИ МЕЃУ ФИНАНСИСКИТЕ ДРУШТВА