Грција покажа „добра волја“ со Преспанскиот договор, истакнал Панос Каменос, грчкиот министер за одбрана на средбата со Вес Мичел, помошник државен секретар за евроазиски прашања во американскиот Стејт департмент.
Грчкиот министер истакнал дека референдумот во соседната земја покажал оти мнозинството од граѓаните не го поддржуваат договорот, нешто, што според него, „покажува дека земјата продолжува да го следи феноменот на неодговорност“.
Во тој контекст, како што пренесува „Ефимерида“, Каменос изразил уверување дека договорот нема да биде ратификуван во Македонија, а исто така поднел алтернативен план, кој, како што објаснил, ги содржи истите геополитички цели како и Преспанскиот договор, но без да се зафаќа прашањето за номенклатурата (името на земјата).
Според весникот, Каменос предложил потпишување одбранбен договор меѓу Грција, Македонија, Албанија и Бугарија, а во подоцнежна фаза кон тој блок би се приклучила и Србија. Главна цел е да се формира безбедносен појас на северните граници на земјата.
Според мислењето на Каменос, тоа е и еден од начините да се спречи руска пенетрација на Балканот, а ќе се зајакне стабилноста и на Македонија, а во иднина ќе се решава за името на земјата.
Извор: ПресингТВ