Професорката Тања Каракамишева во статус на Фејсбук вели дека сите анкети покажуваат дека референдумот во недела ќе биде неуспешен, но таа вели дека со тоа што СДСМ и ДУИ направија референдумот да не биде задолжителен, ќе одат понатаму со реализација на договорот во Собранието. Таа прашува како власта мисли да ја изврши продажбата на пратеници од опозицијата покрај народот жив и здрав.
Фејсбук статус на Тања Каракамишева:
Сите анкети до сега покажуваат дека референдумот во недела ЌЕ БИДЕ НЕУСПЕШЕН!
Јасно е дека првиот цензус на излезност од 903.169 гласачи е невозможна мисија исто колку што е невозможно 50%+1 од тие излезени да гласаат “за” договорот!
Колку сака Димитров нека се гимнастичари со разно-разни негови домашни математики според кои и 100.000 да излегле и од нив 50.001 да гласале “за” според него ќе сме имале успешен референдум, значи настрана овие гимнастики “како мали Ѓокица замишља свет”, јасно е дека позитивна одлука на референдумот во недела нема да има!
Она што е посебно интересно е да го видиме планот Б на Заев и неговите!
Иако тврдеше јавно дека нема план Б, тој сепак постои и беше објаснуван во повеќе наврати од страна на неколку министри во владата!
Веројатно сите нивни логики, ама не здрави, ќе бидат засновани на фактот дека овој референдум нема правна важност затоа што бил консултативен и како таков не ја обврзувало владата да постапи согласно неговата неуспешна одлука!
Да потсетиме, карактерот на референдумот требаше да биде утврден во одлуката на Собранието при неговото распишување. Тој елемент што е задолжителен согласно законот недостасуваше, односно во одлуката намерно не беше ставен видот и карактерот на референдумот за да може власта по неговата неуспешност да продолжи да манипулира со граѓаните!
Токму оваа манипулација е почетокот на планот Б на Заев, Димитров и Шеќеринска!
Со прогласување на референдумот за незадолжителен СДС и ДУИ ќе одат натаму во реализација на планот во Собрание.
Прашањето е како тие замислуваат да ги буткаат уставните амандмани подготвени од Грција кога се делегитимирани на референдум од страна на граѓаните?
Како планираат без граѓанска волја да го тераат процесот на уставни измени кога се знае дека за промена на име и идентитет на народ и држава немаат добиено мандат од граѓаните?
Плус како мислат да ја извршат наводната продажба на пратениците од опозицијата покрај народот жив и здрав? Па тие се народни претставници не се нивни слуги!
Како мислат да го тераат мачниот и долг процес на уставни измени каде сите оние што се “за” промена на Уставот треба да притиснат копче “за” три пати?
Како тоа мислат да го спроведат без да имаат согласност од народот?
Што се замислуваат овие луѓе со нивните планови, дека се богови, надлуѓе, ШТО?