Финансии 15.03.2024 09:48

ЌЕ ВРТИ ЛИ БРОЈЧАНИКОТ ПОБРЗО СО НОВИОТ ЗАКОН за управување со конфискуваниот имот?

ЌЕ ВРТИ ЛИ БРОЈЧАНИКОТ ПОБРЗО СО НОВИОТ ЗАКОН за управување со конфискуваниот имот?

Бројчаникот што мереше колку пари отидоа во државната каса од конфискуваниот имот на оние кои противзаконски го стекнаа, слабо се вртеше. Една од причините беше тоа што сега веќе бившиот Закон за управување со конфискуван имот покажал низа слабости. Ова е заклучокот од подготвената анализа од ангажираниот експерт со поддршка на Канцеларијата на ГИЗ во Скопје, поради што се изготви сосема нов Закон за управување со одземен имот кој Собранието го изгласа во вторникот.

„Слабиот процент на реализирани предмети со конфискација делумно се должи на законската рамка кај процесните закони (ЗКП и управните постапки во кои се конфискуваат и одземаат предметите), но и на овој закон, согласно што се одлучи да се пристапи кон подготовка на ново законско решение во кое ќе бидат вградени меѓународните стандарди за постапување со конфискуваниот имот“, пишуваше во образложението на новото законско решение. На старото му немало спас, затоа што две третини од него требале да се сменат.

ОД СЕКОЈА ПРОДАЖБА ДЕВЕТ ПРОЦЕНТИ ЗА ИНСТИТУЦИИТЕ

Агенцијата за управување со конфискуваниот имот е единствената институција која постапува по одлуките на судот и другите државни органи и управува со привремено или трајно конфискуван или одземен имот. Согледано е дека има потреба од институционално и финансиско зајакнување на Агенцијата, со цел да се обезбеди непречено функционирање и управување со времено конфискуваниот имот, за кој честопати се појавуваат зголемени трошоци за одржување. Со новото законско решение, Агенцијата освен средства од Буџетот, добива и по 7% од секоја јавна продажба на конфискуваниот имот. Пари добиваат и Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи, Управата за финансиска полиција и Царинската управа, така што за нив се пренасочуват 2 проценти од парите од конфискации што отишле во државната каса.

Освен обезбедувањето повеќе пари за институциите поврзани со конфискациите, други клучни новитети во законот се: стручен состав, зајакната улога и зголемена одговорност на Управниот одбор на Агенцијата, соработка со домашни и странски канцеларии за поврат на имот, унапредување на начините на продажба на конфискуваниот имот преку предвидување дополнителни начини за продажба, воведување на можноста за првенствено купување на сосопствениците на одземените или конфискувани предмети кои се во сосопственост, можност за издвојување на одземениот или конфискуван имот од стечајната маса, воведување соодветни рокови за постапување на Агенцијата кон другите органи… Посебно треба да се истакне дека сега има законска обврска за електронски регистар за водење на одземениот и конфискуван имот и воведување одредби со кои се органичува можноста за евентуални злоупотреби во однос на висината на цената на понудувачите.

И СЕГА ИМА НОН-СТОП ОГЛАСИ ЗА ПРОДАЖБИ

Ако се отвори официјалната страница на Агенцијата за управување со одземен имот, може да се види дека постојано се објавуваат огласи за продажба на движен и недвижен имот. Но, ги нема големите пари кои се очекуваше дека ќе се слеат од разни скандали со имотна корист.

Директорот Дритон Небиу на крајот од минатата година, на прес-конференција информираше за впаричувањата на конфискациите и за отстапување на запленет имот на градинки, училишта… Тој рече дека од март 2023 година кога дошол на функцијата, па до крајот на декември, во Буџетот се внесени 1.162.000 евра. Притоа, продадени се 20 моторни возила и 10 станбени објекти. Отстапени се и 150 возила на државни органи, институции, министерства, општини, јавни претпријатија и јавни здравствени установи, и со тоа е придонесено државниот Буџет да заштеди над 500.000 евра. Отстапени се и 200.000 парчиња разна стока: обувки, облека, храна, училишен прибор, текстил, техничка опрема, кујнски прибор, градинарски алати и друго на државни органи, јавни установи, училишта, затвори и други институции. Пакети им биле делени и на учениците. При овие донации, пресметано е дека се заштедени 438.128 евра од државната каса. ()