Пазарната инспекција, а не Управата за јавни приходи ќе проверуваат дали компаниите го почитуваат законот за финансиска дисциплина, односно дали си ги плаќаат навреме долговите. Ова е дел од измените на Законот кои ги подготвува Министерството за финансии. УЈП се иззема од инспекцијата затоа што таа институција била за јавни давачки.
„Надзорот над спроведувањето на одредбите од Законот за финансиска дициплина кај економските оператори од приватниот сектор го врши Управата за јавни приходи, која е надлежна за утврдување, контрола и наплата на даноци или јавни давачки. Постапката за надзор над Законот за финансиска дисциплина не претставува даночна контрола и со истата не се утврдува данок или јавна давачка. Затоа надзорот од Управат се пренесува на Државниот пазарен инсекторат, стои во најавата за измените.
Законот за финансиската дисциплина подразбира приватните субјекти со договори да се обврзат да си ги платат меѓусебните обврски во рок од 60 дена или да се договорат меѓусебно да го сторат тоа за максимум 120 дена. Во договорите меѓу јавните претпријатија и приватните фирми рокот не смее да е подолг од 60 дена. Сепак малку фирми го почитуваат, но и не се тужат дека не го исполниле рокот па се договараат кога ќе се исплатат.
Според последните податоци од Народната банка кои се однесуваат на минатата година фирмите си ги наплатуваат долговите за 120 дена во просек. Иако се разбира не е исто кај сите. Фрапантни 365 дена им требало на точно 34.662 компании колку што во Македонија се во категоријата микро фирми да си се раздолжат.
Компаниите кои спаѓаат во групата мали фирми ги наплатуваат побарувањата за 121 ден. Во оваа категорија лани имало 17.609 компании. Моментно средни правни лица се 673 а нив им треба 101 ден за да ги наплатат побарувањата. Во групата големи фирми влегуваат 468 фирми. Деновите потребни за наплата на побарувања кај овие компании изнесува 91 ден.
Инаку, податоци пак за наплатата на долговите меѓу фирми во развиените земји покажуваат дека таму рокот е значајно понизок. Така, во Германија за наплата се чека по 25 дена во просек, во Шведска по 30 дена, во Австрија 34 дена, во Франција 42 дена во просек. Во соседна Грција тој просечен рок е околу 60 дена, додека во Италија е 85 дена.
Фактор веќе пишуваше дека стопанствениците велат дека законот малку ја средил ситуацијата но не ги дал очекуваните резултати.
Нема податоци колку фирми се тужеле. Почетниот износ за одмерување на глобите изнесува 10.000 евра за економски оператор од приватниот сектор- трговско друштво, трговец поединец и правно лице кое врши профитна дејност и е регистрирано согласно закон доколку не ја исполни паричната обврска во законски утврдените рокови.