Банкарство 14.05.2018 17:56

Книжните 10 и 50 денари заминуваат во историјата, од утре во оптек нови полимерни банкноти

Книжните 10 и 50 денари заминуваат во историјата, од утре во оптек нови полимерни банкноти

Книжните десет и педесет денари, по 22 години употреба заминуваат во историјата. Ќе се заменат со нови, полимерни банкноти. Пазарџиите се запознаени со тоа. Дел од нив се’ уште им наплатуваат на муштериите со книжни пари, а некои веќе не.

„Запознаени сме со тоа меѓутоа муштериите уште си носат книжни десетки и пеески. Баш сега во моментов една муштерика дојде со книжни десетки – и ги примив. Требаше тоа претходно да се каже, пред 2-3 месеци за да се исчистат сите пари. Меѓутоа во секој случај е подобро затоа што веќе се стари и искинати се. Подобри се железните, за десетки и пеески зборам, Другите нека си останат книжни“

„Ќе ги носиме во банка, па што. На телевизија слушав дека до следната година ќе ги менуваат. Ене во маркетите мислам дека веќе не примаат. Ние примаме уште“.

„Кажувам, не ги примам. Кој ќе ми ги прими мене. Сега, за сто денари за двесте денари да одам по банките – не одам“.

 Од утре и македонскиот денар ќе биде меѓу светските валути со банкноти изработени од посебен материјал. Полимерните банкноти се употребуваат во повеќе од 20 држави во светот.

„Супстратот којшто се користи за изработка на полимерните банкноти не се оштетува лесно, за разлика од хартијата, и анализите покажуваат дека полимерните пари имаат подолг животен век во однос на хартиените и тоа два ипол до три пати, а според некои истражувања и до четири пати нивниот век е подолг. Кованите пари со апоенска вредност од десет и педесет денари и понатаму остануваат да циркулираат во оптек“, Соња Каневче – Директор на дирекцијата за трезорско работење на Народната Банка на Република Македонија.

 На новите полимерни банкноти ќе бидат втиснати издигнати точки коишто ќе им овозможат на лицата со оштетен вид точно да ја распознаат вредноста на парите.

„Ова се новите полимерни пари коишто од утре ќе бидат пуштени во употреба. Нивниот дизајн содржи безбедносни карактеристики и заштитни знаци кои оневозможуваат нивна масовна репродукција, со веќе воспоставените техники за фалсификување“.

 Полимеризација на банкнотите е направена само на банкнотите со пониска вредност, кои се почесто употребувани и повеќе оштетени.

Оние кои ќе имаат книжни банкноти и по пуштањето во употреба на полимерните банкноти, истите ќе можат бесплатно да ги заменат се до 15 мај наредната година во сите комерцијални банки. Потоа, замена ќе се врши само во Народната банка.

 

Најнови вести