Вредноста на заштедите на идните пензионери надмина една милијарда евра на крајот на 2018 година. Друштвата што ги водат пензиските фондови стануваат се поважни учесници на домашниот пазар на капитал. Дека индустријата расте доказ е тоа што во игра влегува и словенечки „Триглав“ со отворен задолжителен пензиски фонд кој доби дозвола на 20 март годинава
„Сава пензиско“ деновиве ги извести сите свои клиенти, сопственици на сметки т.е. штедачи во двата отворени пензиски фондови, дека нејзина банка чувар повеќе нема да биде „Комерцијална банка“ туку ќе биде НЛБ Банка Скопје. Заради тоа отворена е сметка во НЛБ Банка. Новината стапува на сила од денеска, а ова е дел од оригиналниот текст со кој новото друштво кое управува со парите на идните пензионери ги извести своите клиенти за новината: „Ве известуваме дека почнувајќи од 04.04.2019 година, функцијата банка чувар на средствата на пензиските фондови со кои управува Сава пензиско друштво а.д. Скопје ќе ја извршува НЛБ Банка АД Скопје, во која е отворена нова сметка за уплата на придонеси“
Ова значи дека ова друштво , кое порано се викаше НЛБ Нов пензиски фонд, а сега е преименувано во „Сава пензиско“ повеќе не е клиент на „Комерцијална банка“. Воедно ова значи дека во петнаесетгодишната историја на пензиска реформа во земјава, прв пат во овој период имавме ситуација во која се менуваат банките кои се чувари на средствата на идните пензионери. Неодамна друштвотo КБ Прво пензиско ги трансферираше средствата што ги управува во „Шпаркасе банка“, по што следуваше префрлањето на „Сава“ во НЛБ Банка.
Каква е состојбата со пензиските фондови?
Двата најголеми пензиски фондови односно задолжителните приватни фондови на „Сава“ и на „КБ Прв отворен пензиски фонд“ според официјалните податоци до крај на 2018 година имаат заедно вкупни средства кои надминаа една милијарда евра. Поточно нивната вкупна вредност на 31 декември лани изнесуваше 1,044 милијарди евра. Повеќе средства има задолжителниот фонд на КБ Прв отворен пензиски фонд и неговите вкупни средсва изнесуваат 553,8 милиони евра. Вкупните средства од задолжителниот фонд на „Сава пензиско“ изнесуваат 490 милиони евра. Во однос на нив минијатури се двата отворени доброволни фоднови. Тој на „Сава пензиско“ вреди 12,3 милиони евра, а на КБ вреди 12,9 милиони евра.