„Македонијатурист“ од основната дејност хотелирство лани остварила оперативна добивка од 714.00 евра. Но тоа не е се! Од дивиденди и камати на своите вложувања во хартии од вредност вредни 20 милиони евра оваа компанија ја наѕида добивката за 2023 година до износ од 1,58 милиони евра
„Македонијатурист“ се враќа на старите патеки и тоа ќе ги израдува нејзините мали акционери, покажуваат најновите бројки од финансиските извештаи за 2023 година кои најголемата скопска хотелиерска компанија ги објави на берзата.
Приходите од продажба на хотелиерски и угостителски услуги лани достигнале 5,55 милиони евра и се зголемени за 32 отсто во однос на претходната година. Од податоците кои се достапни се гледа дека индикатор кој експлицитно укажува на јак раст на продуктивноста изразен преку раст на продажба во однос на фиксните трошоци.
Имено, при раст на продабата од 32 отсто трошоците на компанија пораснале за само 4 отсто. И тоа е специфика на хотелиерската индустрија за која златно правило е синтагмата „најскап кревет е празниот кревет“.
Оперативните трошоци на “Македонијатурист“ лани изнесувале 4,9 милиони евра, а најголем меѓу нив е трошокот за вработени кој изнесува 1,58 милиони евра и во однос на претходната година е зголемен за 16 отсто.
Оперативната добивка на „Македонијатурист“ лани е 714.000 евра и тоа е неспоредливо подобар резултат од претходната година кога компанијата заврши со загуба од оперативното работење од 427.000 евра. Значи „Македонијатурист“ се враќа на патеките на профитабилност од основната дејност што е важно и охрабрувачко за акционерите. А особено ако се знае дека компанијата во целост го обнови и реновираше „Холидеј Ин“ најпрепрезентативниот од нејзините четири хотели кои угостуваат гости во Скопје.
И сега џокерот на “Македонијатурист“!
Сите кои разбираат инвестирање во хартии од вредност и вложувања се сложуваат дека „Македонијатурист“ од македонските компании е најдобра или една од најдобрите според тоа какво инвестициско портфолио има.
Фактите го потврдуваат тоа. Лани „Македонијатурист“ од своите вложувања во акции и инвестиции во депозити и други инструменти има финансиски прилив од дивидени и камати вреден 1,1 милиони евра. И приносот е за 13 отсто повисок од 2022 година.
Тоа е 5 отсто принос на нејзините вложувања во хартии од вредност кои според паричниот тек лани вределе 20,1 милиони евра.
Нето добивката на компанијата лани изнесува 1,57 милиони евра што е за 3 пати подобро од претходната година.
И што е голем плус за сите потенцијални инвеститори оваа компанија нема ниту денар долг кон банките по основ на заеми и кредити. ()