Проверување датум на секој производ што се купува од продавница треба да биде навика на секој купувач. Но, често се случува да се најдат различни формулации околу рокот на производот што се купува – може да се забележи use by date (употребливо до) или best before (најдобро е да се употреби до). Меѓу овие два поима постои голема разлика, што треба да се воочи за да бидеме сигурни дека купуваме производ што може да се користи.
Use by date – употребливо до…
На пример, доколку се најдете во супермаркет и на амбалажата на млекото, јогуртот, месото или јајцата пишува употребливо до…, тоа значи дека таа храна е безбедна за користење до наведениот датум, а по неговиот истек не би требало да се јаде. Овој вид на предупредување за рокот на траење е за безбедност на потрошувачите. За одредени прехранбени продукти се пропишани и одредени услови за чување и одржување – да се чува на темно и суво место на температура од 15 до 22 степени целзиусови или да се чува далеку од дофат на децата…
Best before – најдобро е да се употреби до…
Ако на вашето омилено чоколадо, овошен сок, шампон или друг вид на производ стои best before, тоа значи дека производителот укажува до кој датум производот ќе го има очекуваниот квалитет, но и по тој рок се безбедни за користење. Кај овој рок не постои толку големо ограничување на употребата, бидејќи станува збор за препорака на производителот, а не дека по истекот на рокот производот ќе биде неупотреблив.
Иако овие податоци се напишани со ситни букви, читајте ги внимателно