Шилегов и директорот на ЈСП да објаснат како два тендери ги добиле фирми регистрирани на една адреса и зошто сега се плаќаат услугите двојно од порано, бара Светлана Колариќ, советник во Советот на Град Скопје.
-СДСМ спроведува масовен грабеж на парите на граѓаните, а референдумот го користи само како параван за да го прикрива криминалот. Медиумите обелоденуваат нов скандал каде има основано сомнение за сторен криминал. Овој пат тоа сомневање за криминал е на локално ниво. ЈСП Скопје под надлежност на еден од најбогатите градоначалници на главен град на Балканот Петре Шилегов доделило бизнис во висина од 200 илјади евра на две фирми, регистрирани на иста адреса, во сопственост на едно исто лице, основани неполн месец пред да ги добијат набавките. Шилегов повеќе од 10 месеци нема направено ниту еден проект од корист за скопјани, не успеа да се справи со комарците, ниту со кучињата скитници, градот тоне во смет и хаос, а ЈСП под надлежност на градот парите на скопјани ги доделува на фирми кои што очигледно се основани со една намера, да се јават како добавувачи на јавните институции, вели Колариќ.
Според објавеното во медиумите, ЈСП во две засебни постапки доделило бизнис во вкупна вредност од 200 илјади евра на две фирми основани на иста адреса во сопственост на едно лице.
-Првата зделка во висина од 78 илјади евра за набавка на електронски картички за возење ја добила фирмата „Идкардс“, основана неполн месец пред до го добие овој бизнис. Цената која ЈСП ја плаќа на „Идкардс“ по единечна картичка изнесува 120 денари, што е за 20 денари повеќе од претходно, односно 20% поскапо од цената по која што се набавувале картичките. Тендерот за набавка на картички кој беше распишан од страна ВМРО-ДПМНЕ резултираше со поповолни и пониски цени со цена од 100 денари по поединечна картичка. Како услуга за која истото претпријатие плаќало 100 денари сега плаќа картичка по цена од 120 денари? Но овој скандалот не застанува тука. Имено, фирмата „Идкардс“ е фирма во сопственост на исто лице кое 7 дена пред тоа ја основала фирмата „Ит плус смарт консалтинг“, која исто така доби бизнис од ЈСП за давање на консултантски услуги во вредност од 130 илјади евра. И двете фирми се основани на иста адреса на улицата „Димо Хаџи Димов“ број 81 во општина Кисела Вода од страна на ист сопственик со основен влог од 5000 евра. И двете фирми се јавуваат како набавувачи на иста институција во краток период за две различни работи. Дали овие фирми се формирани со намера за да го добијат бизнисот од 200 илјади евра и дали станува збор за однапред договорена работа? Шилегов и директорот на ЈСП да објаснат на граѓаните на Град Скопје како два тендери ги добиле фирми регистрирани на една адреса и зошто сега се плаќаат услугите повеќе од порано, истакна таа.
Советничката на ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека станува збор за бизнис вреден 200 илјади евра, доделен низ сомнителна процедура.
-Шилегов за борба против комарци не го бива ама за матни бизниси најверојатно е махер. Ова почитувани е немилосрдно и расипничко трошење на парите на скопјани и уште еден во низата скандали на градската власт. Дали Шилегов го злоупотребува градот и градскиот буџет? Парите на граѓаните наместо во инвестиции и капитални проекти од општествена корист завршуваат во џебовите на власта. Ова расипништво мора да запре. СДСМ и Шилегов мора да си заминат и да одговараат, порача Колариќ.