Во текот на денешната расправа Комисијата усвои три од предложените седум амандмани на Предлог законот. Едногласно со десет гласа „за“ беше усвоен амандманот предложен од независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, со кој се прецизира дека уставните амандмани од 33 до 36 на Уставот не произведуваат правно дејство, не влегуваат во сила и се неважечки доколку Грција веднаш не ја исполни својата обврска да го прифати Договорот од Преспа и да го ратификува протоколот за членство на Македонија во НАТО. Амамдманот во целост го прифати и владиниот претставник, заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски, а Соња Мираковска од НСДП рече дека со него појасно, поцврсто и поразбирливо за граѓаните се гарантира примената на Преспанскиот договор.
Со преформулација од Комисијата едногласно беше прифатен и аманманот, првично поднесен од претениците Зијадин Села и Сурија Рашити од Алијансата на Албанците, со кој се истакнува дека државната граница на Република Македонија е нашата постојна граница со Албанија, Бугарија, Грција, Србија и Косово со која, како што рече Жерновски, се прифаќа реалноста дека Македонија има нов сосед Република Косово.
Со преформулација од Комисијата со осум гласа „за“ и два „против“ беше прифатен и амандманот со кој во член 2 став 2 од Уставниот закон точката на крајот се заменува со запирка и се додаваат зборовите што не ја определува ниту ја предодредува етничката припадност на граѓаните. Со тоа, како што беше речено, се става јасна дистинкција меѓу државјанството и етничката припадност на граѓаните на Република Македонија. За овој амандман беа поднесени два слични предлози, првиот предложен од претеникот Мухамед Зекири од СДСМ, а вториот од независните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои беа повлечени по усогласувањето натекстот на амандманот од Комисијата.
Најголема полемика се водеше за двата амандмана поднесени од пратениците на Беса и Алијанса на Албанците со кои се бараше во документите во графата државјанство да пишува граѓани на Република Северна Македонија, наместо како што е предвидено во Уставниот закон – македонско/граѓани на Република Северна Македонија. За Фадил Зендели од Беса на тој начин се внесува етнички наместо државен концепт. Тој посочи дека суверенитетот на државата потекнува од граѓаните и државјанството им припаѓа на граѓаните. Со предложеното како што рече само се создаваат нови јазови и проблеми меѓу граѓаните. Во реплика заменик министерот Жерновски му посочи дека неговата логика е исправна и оти откако ќе влезат уставните измени во сила во членот 4 ќе пишува граѓанин на Република Северна Македонија, но додаде дека Владата не е во можност да го прифати неговиот амандман зашто со тоа ќе направи упад во Договорот од Преспа.
Претеничката Нола Исмајловска Старова од независната група на ВМРО-ДПМНЕ му порача на Зендели дека е „тажно Грција да нема проблем со оваа формулација, а нашите сограѓани да имаат“, а Самка Ибраимовски од ПЦЕР додаде дека и сега во патните исправи и личните карти во графата државјанство стои „македонско“, а со уставните измени, рече, ќе се додаде /граѓанин на Република Северна Македонија, што се поклопува со барањата на Беса.
МИА