Економија 25.09.2018 09:23

Косовската опозиција подготвува платформа за преговори со Србија

Косовската опозиција подготвува платформа за преговори со Србија

Претседателството на најголемата косовска опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), на вчерашната седница донесе одлуки за преземање активности во врска со процесот на дијалогот меѓу Приштина и Белград и за одржување вонредни парламентарни избори, јави дописникот на МИА од Приштина.

Според партиското соопштение, на седницата свикана од партискиот лидер Иса Мустафа, е одлучено да се формираат две работни групи, чија цел е да го деблокира институционалниот живот во земјата.

Првата работна група треба да ја изготви платформата за дијалогот со Белград, со што, како што се наведува, „ќе се постават јасни рамки како тој дијалог треба да продолжи“, додека втората ќе работи на изготвување изборна платформа.

– ЛДК останува посветена на тоа земјата што поскоро да оди на избори со цел да се исполнат сите интереси на граѓаните на Косово, се вели во соопштението на партијата по вчерашната седница на Претседателството.

ЛДК, како и другите опозициски партии на Албанците во косовското Собрание, Движењето Самоопределување (ВВ), Социјалдемократската партија на Косово (ПСД) и независните пратеници, му го оспоруваат мандатот на косовскиот претседател Хашим Тачи да ги води преговорите со Србија за постигнување конечно решение за споровите меѓу двете земји.

Опозицијата силно се спротивставува на намерата на Тачи и неговиот српски колега Александар Вучиќ за постигнување решение преку размена на територии меѓу двете земји, односно „корекција на границата“, според Тачи, или „разграничување со Косово“, како што тоа го нарекува Вучиќ.

Опозицијата не го прифаќа ниту предлогот на косовскиот премиер Рамуш Харадинај за именување владин тим за преговори со Белград и бара вонредни избори, по кои новото парламентарно мнозинсгво ќе ја преземе одговорноста за решавање на споровите со Србија.

МИА