Курсот на турската лира потона на најниско ниво на вредност во историјата во однос на американскиот долар, додека земјата се соочува со криза која го погоди светскиот пазар. Според информациите, лирата потонала за нови 11 отсто на берзите во Азија, а во некои моменти 1 долар вредел преку 7 лири.
Во меѓувреме, инвеститорите ја губат довербата во претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, одливот на капитал и падот на вредноста на лирата предизвикува загриженост дека турските фирми и банки нема да може да ги подмируваат своите долгови. Во исто време турскиот министер за финансии Берат Албајрак изјави дека земјата изработила акционен план за да ги смири вложувачите.
„Нашите институции ќе ги преземат неопходните чекори и ќе го информираат за тоа пазарот. Toa ќе го направиме брзо со нашите банки и банкарскиот регулатор“.
Турските медиуми пренесуваат дека претседателот на Турција ги повикал домашните компании да не дозволат да паднат под влијание на тешката економска ситуација, а како и дека сакал да им понуди на турските банки дополнителни можности за рефинансирање.
Турската лира веќе изгуби речиси половина од својата вредност од почетокот на годината, а во текот на изминатата недела, вредноста падна за 18 отсто. Големата монетарна криза се случува поради загриженоста во врска со влијанието на Ердоган на економијата, неговите барања за пониски каматни стапки, наспроти високата инфлација, влошувањето на односите со САД во врска со американскиот пастор Ендру Брунсон, кој е уапсен во Турција и откако претседателот на САД Доналд Трамп објави двојно зголемување на казнените царини за увоз на челик и алуминиум од Турција.