Актуелно 08.11.2018 16:04

Ласовска: Поминаа 5 дена, а никој не го осуди насилството и говорот на омраза во Тетово, од страна на навивачката група „Балисти“

Ласовска: Поминаа 5 дена, а никој не го осуди насилството и говорот на омраза во Тетово, од страна на навивачката група „Балисти“

Срамно и жално е во какво општество живееме во Република Македонија. Поминаа веќе пет дена, а никој не го осуди насилството и говорот на омраза во Тетово, од страна на навивачката група „Балисти“. Ниту власта, ниту институциите, ниту невладините привезоци на СДСМ. Ниту форумите на жени и женски организации ширум државата, истакна Благица Ласовска, в.д Претседател на Унија на жени на ВМРО-ДПМНЕ.

-Унијата на Жени на ВМРО-ДПМНЕ најостро ја осудува манифестацијата на насилство и ширење на говор на омраза од страна на навивачката група „Балисти“ која се случи во центарот на градот Тетово во која мета беа недолжни граѓани, жени и деца. Почитувани жени, Вие во неделата од страна на навивачката група „Балисти“ бевте навредувани и ова беше еден чин на сексизам кој само ја отсликува сликата во каков соживот живеат Тетовчани. Овој чин воопшто не придонесува за соживот и намалување на тензиите помеѓу различните етникуми, рече Ласовска и додаде:

„Жалиме што и после неколку дена се уште нема никаква реакција од страна на полицијата раководена од господинот Оливер Спасовски и надлежните институции, иако сето тоа се случувало пред очите на службените лица. Пред неколку дена јавноста беше сведок на варварско однесување, навреди, говор на омраза, повици за насилство, па дури и да биде позагрижувачки и директно насилство врз граѓани кои биле присутни во едно  градско кафуле и за тоа нема никакви реакции. Уште еднаш ВМРО-ДПМНЕ принципиелно ги осудува сите вакви појави бидејќи смета дека директно ја загрозуваат безбедноста на граѓаните и им штети на меѓунационалните односи“.

Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ, потенцираше таа, ги повикува сите женски форуми, сите женски организации, сите женски лоби групи и невладини организации сите заедно со една иста цел да ги осудиме и да се исправиме пред предизвиците на вакви вандалски чинови и чинови на ширење на говор на омраза и сексизам.

-Не постои никакво оправдување мета на ваков вандализам, навреди и говор на омраза да бидат жени со малолетни деца. Настан кој за жал можеше да има несогледливи последици по нивното здравје и животи. Повикуваме надлежните институции итно да преземат најостри мерки и сторителите да ги изведат пред лицето на правдата кои патем треба да и се познати на полицијата, бидејќи во спротивно ќе сметаме дека овој чин на насилство од страна на навивачката група „Балисти“ е политички мотивирана да предизвика страв и несигурност на граѓаните во пресрет на политичките случувања во Република Македонија. Овие методи немаат ништо заедничко со европски вредности, демократија и принципи на владеење на право, толеранција и меѓусебно разбирање.