Финансии 29.08.2018 14:19

Македонија ги враќа назад 70 милиони евра за Клинички

Македонија ги враќа назад 70 милиони евра за Клинички

Државата ќе врати 70 милиони евра во Банката на Советот на Европа, што беа наменети за проектот за изградба на Клинички центар и од септември заедно со оваа институција и експерти од Европската комисија ќе почне да се работи на изноѓање решение за Клинички центар што ќе даде современа здравствена услуга на едно место.

Ова беше истакнато на денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет на која во прво читање беше прифатен Предлог-законот за изменување на Законот за задолжување на Република Македонија кај Банката за развој при Советот на Европа по Рамковниот договор за заем за финансирање на Проектот за изградба и модернизација на Клиничкикот центар Мајка Тереза во Скопје и Регионалната клиничка болница во Штип.

Министерот за финансии Драган Тевдовски истакна дека парите ќе бидат вратени без државата да плати пенали или дополнителни средства. Тој појасни деак договорот е склучен на 97 милиони евра, од кои 70 милиони се за Клиничкиот центар во Скопје и кои ќе бидат вратени, а 27 милиони евра се наменети за Клиничката болница во Штип и тој проект се реализира.

Според министерот за здравство Венко Филипче средствата се враќаат затоа што со изградбата на Клиничкиот центар во Скопје нема да можело да се даде современа здравствена услуга и оти немало добро сообраќајно решение.

– За да дадеме современа здравствена услуга мора да имаме интегриран систем, а тоа значи се да се даде физички во еден објект, се мора да биде сместено на едно место, за да се скрати времето на давање на услугата и сите доктори да бидат присутни на едно место за да може да се намалат и компликациите. Сега пациентите се транспортираат со колички од една во друга страна, а тоа ќе останеше така затоа што повеќето згради ќе останеа, како кардиологија, гинекологија, инфективна, максилофацијална… и ќе останеше концептот на транспортирање на пациентите, истакна Филипче.

Според него, реализацијата на тој проект, од финансиски аспект, ќе значеше само почеток на нов циклус на инвестиции затоа што повторно немаше да се реши прашањето и клиникиte ќе останеа надвор, а и сега се за реконструкција.

Според него не е суштината дали се запира добар проект, посочувајќи дека заемот е даден без соодветна здравствена анализа.

Никола Мицевски од ВМРО-ДПМНЕ забележа дека со ова се запира реализација на еден капитален проект и оцени дека како што оваа владеачка гарнитура ги реализира капиталните инвестиции дека до крајот на мандатот нема да може да го реализираат.