Актуелно 09.05.2018 10:53

Македонија тоне во економска мизерија – Фабрики нема, нови работни места ич додека владата постојано се задолжува, вчера граѓаните беа задолжени за нови 9 милиони евра

Македонија тоне во економска мизерија – Фабрики нема, нови работни места ич додека владата постојано се задолжува, вчера граѓаните беа задолжени за нови 9 милиони евра

Вчера закажаната аукција на државни хартии од вредност се одржа во која Министерството додатно се задолжи за нови 9 милиони евра. На официјалната страна на Народна банка на Република Македонија стои известување за реализираната аукција на државни записи во износ од 550.000.000 денари или скоро 9 милиони евра.

Владата на чело со Зоран Заев континуирано ја задолжува државата без притоа никакви видливи резултати од позајмените пари кои ќе мораат да ги враќаат идните генерации со камати.

Според податоците државата е задолжена над  1,65 милијарди евра од почетокот на владеењето на оваа владејачка гарнитура и како што е  очигледно тој долг постојано се зголемува.

Спротивно на тоа експертите се големи критичари на ваквите задолжувања посебно заради фактот што до сега се нема отпочнато ниту еден поголем капитален проект додека старите проекти кои беа почнати од претходната влада едвај се завршуваат а поголемиот дел се во стагнација. Ваквата состојба каде се позајмуваат големи количини на пари а притоа  не се вложуваат во капитални проекти ги прави ваквите задолжувања скандалозни и неоправдани . Понатаму експертите коментираат дека со позајмените пари не се градат проекти кои се долгорочно исплатливи и ја оправдуваат постапката на задолжување и секако се од стратешка важност за земјата.

Додатно земјата забрзано го зголемува својот јавен и државен долг. Јавниот долг за првпат во историјата го надмина прагот од 5 милијарди евра, додека државниот надмина над 4 милијарди евра. Притоа ниту една поголема капитална инвестиција не е реализирана, како би се оправдале парите од задолжувањето.

Имено, во само првите три месеци годинава државата е задолжена за нови 300 милиони евра. Секое едно семејство е задолжено за нови 600 евра, или, едно четиричлено просечно семејство е задолжено за над 10.000 евра од вкупниот долг на Република Македонија. Секој еден човек во нашата држава, секој граѓанин има долг од над 2.500 евра според вкупниот долг на државата. И тоа само затоа што новата влада  на чело со премиерот  Зоран Заев не знае да располага со државните пари и секојдневно се задолжува велат критичарите.

Понатаму, цените на производите вртоглаво растат што значи дека трошоците за живот се зголемуваат а тоа сето оди на грбот на граѓаните кои и така едвај врзуваат крај со крај.

Според официјалните податоци на Државниот завод за статистика цените на мало во април годинава се зголемени за 3% во однос на април лани, додека пак вкупните трошоци за живот се зголемени за 1.4%.

Експертите велат дека со покачувањето на акцизата и давачките а при стагнација на платите сиромаштијата зема голем  замав во Македонија. Исто така според официјалните податоци платите во февруари оваа година, во однос на јануари се пониски за дури 867 денари.

Граѓаните постојано се жалат дека немаат пари за oсновните потреби и дека животот станува се поскап а ветената плата од 30.000 денари стана далечна фантазија.

Експертите сметаат дека владата не ја води државата во добар правец и дека при вакви катастрофални економски политики штетите за државата и граѓаните ќе бидат огромни и далекосежни.