Акционерите на „Македонијатурист“ ќе поделат дивиденда од ланската, но и од акумулираните добивки низ годините, во бруто износ од 1,32 милиони евра. Пресметката ќе се врши според утврдените 200 денари (бруто) по акција, односно 180 денари – нето. Ова е предлог кој треба да биде потврден на акционерското Собрание закажано за 17 април.
Според информациите објавени на Македонска берза, вкупниот износ од 81.404.400 денари е сочинет од делови од добивките остварени лани и во неколку претходни години. Од распределената добивка за 2023 за таа намена се одредени 36.394.329 денари (591,6 илјади евра). А, останатите се користат од нераспределените добивки за 2018 – 16.019.885 денари (260,4 илјади евра), за 2017 – 10.617.125 денари (172,6 илјади евра) и од нераспределените добивки до крајот на декември 2008 – 18.373.061 денар (речиси 299 илјади евра).
Во акционерската книга на „Македонијатурист“, покажуваат објавените податоци, на 31 декември лани е запишано дека се издадени и уплатени 452.247 обични акции, со номинална вредност од 25,56 евра за акција. Во сопственост се на 329.745 физички лица – 72,91% и на 77.277 правни лица – 17,09%.
Од вкупниот број на издадени акции, 179.324 односно 39,65 отсто се кај тројцата најголеми акционери. До лани генерален менаџер и претседател на Управниот одбор, а сега предводник на Надзорниот одбор, најголемиот акционер Доне Таневски, поседува 88.528 акции, или 19,59 проценти. За успешното менаџирање со „Македонијатурист“, кој минатата година постигна солидни резултати, треба да добие над 259 илјади евра.
Соња Бибановска, која е негова долгогодишна соработничка, има 50.953 акции (11,27%), па нејзиниот дел од дивидендата е над 149 илјади евра. Третиот најголем акционер е отворениот задолжителен пензиски фонд Сава пензиски фонд, кому 39.789 акции (8,80%) ќе му донесат 116,4 илјади евра.
Инаку, „Македонијатурист“, во чиј состав се хотелите „Холидеј ин“, „Турист“, „Карпош“, „Јадран“, „Бристол“, „Белви“ и „Водно“ за една година трикратно ја зголеми добивката. Од хотелските и ресторански услуги како основна, а заедно со другите споредни дејности, во 2023 е остварена чиста добивка од 96,39 милиони денари, односно над 1,5 милиони евра. Голема е разликата со резултатите од 2022 – 30,88 милиони денари или околу 501 илјада евра. ()