Македонските работници во очајна состојба на Денот на трудот. 70% од работниците сметаат дека не се почитува законот за минимална плата, на 40% им е зголемено работното време, на скоро 80 отсто не им е платено или пак премалку им се плаќа за работа на празник или викенд, додека 27% од работниците се приморани дел од платата да му ја вратат на рака на газдата – ова го покажа истражувањето на околу 200 работници од повеќе градови кое го направи здружението Гласен текстилец од Штип. Незадоволството од катастрофалната состојба во која се наоѓаат работниците денеска го искажаа преку повеќе протестни маршеви. Владата теоретски ги поддржува, но засега малку направи за да ги подобри нивните права.
Во истражувањето на Гласен текстилец се наведува дека ретко кој текстилен работник стигнал до минималецот од 12 илјади денари. 27% навеле дека претходниот месец имале плата од 9000 до 10. илјади денари, 11.8% земале од 10.000 до 11 илјади денари, а 15.5% имале плата од 11.000 до 12 илјади денари. Притоа со ниските плати едвај можат да ги платат заостанатите долгови.
На долгогодишните барања еднаш засекогаш да се стави крај на маките со извршителите, Заев одговара дека се формирала работна група која треба да ги подготви законските измени за намалување на вкупните трошоци содржани во извршните решенија. Тој најави дека ќе се намали бројот на извршителските тарифи, на адвокатските трошоци, а побарувањата за комуналните услуги ќе ги наплаќаат самите компании.
Работниците бараат нов Закон за работни односи што целосно ќе ги заштитува нивните права. Со години бараат исплата на К-15 не само во приватниот, туку и во јавниот сектор, крај за честите измени во договорите за работа и притисоците врз синдикатите во компаниите, поголема заштита на работните места, крај на мобингот со кој секојдневно се соочуваат и други права кои ретко кој работник ги ужива во земјава, а законски му се гарантирани.
Извор: Алфа