Владата молчи, министерството за информатичко општество и администрација продолжуваат со скандалите. Се спроведуваат 6.000 вработувања на партиски војници на грбот на граѓаните. Ова партиска воjска ќе ја плаќа народот, истакна Никола Мицевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
-Мерит системот и професионалната администрација во Македонија се редефинирани и дерогирани на ниво на афрички модел кој претпоставуваме има повисоки критериуми за планирање и вработување во државната и јавната администрација. Имено, сите препораки и реформи во државната и јавната администрација се со цел градење на квалитетна, одговорна, стручна, функционална и ефикасна администрација во која во фер и транспарентна постапка ќе се избираат најстручните и најкомпетентните кадри. Наместо согласно начелата од Законот за вработување во јавниот сектор и годишните планови за вработувања, голем број на институции ангажираат агенции за привремени вработувања и неконтролирано и неосновано ангажираат работници кои не се во согласност со годишните планови за вработувања и потребите на институциите, вели Мицевски и додава:
„Ангажирањето на работници преку Агенции за привремени вработувања, согласно законот се по исклучок и за точно утврдена цел за што сите институции кои потпишале договор со Агенција за привремени вработувања, должни се да ги информираат даночните обврзници за:
- Зошто не ги планирале вработувањата во годишните планови за вработување?
- Колку лица се ангажирани преку Агенција за привремени вработувања и по кој основ од Законот за вработените во јавниот сектор?
- Зошто МИОА дозволува ангажирање на работниците во институциите надвор од регистарот?
- Колку инспекциски надзори извршил Државниот управен инспекторат за основите по кои се отстапени работниците од Агенциите за привремени вработувања?
- Колку инспекциски надзори извршил Државниот управен инспекторат за отстапените работниците од Агенциите за привремени вработувања, дали се во согласност со правилниците за систематизација и дали отстапените работници ги исполнуваат условите за работното место за кое што се ангажирани?
Граѓаните и даночните обврзници имаат право, а вие имате обврска да дадете отчет за сите потрошени пари!?“.