Актуелно 17.08.2018 17:35

Мицевски: Скандалозно е што се спроведуваат 6.000 вработувања на партиски војници на грбот на граѓаните

Мицевски: Скандалозно е што се спроведуваат 6.000 вработувања на партиски војници на грбот на граѓаните

Владата молчи, министерството за информатичко општество и администрација продолжуваат со скандалите. Се спроведуваат 6.000 вработувања на партиски војници на грбот на граѓаните. Ова партиска воjска ќе ја плаќа народот, истакна Никола Мицевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

-Мерит системот и професионалната администрација во Македонија се редефинирани и дерогирани на ниво на афрички модел кој претпоставуваме има повисоки критериуми за планирање и вработување во државната и јавната администрација. Имено, сите препораки и реформи во државната и јавната администрација се со цел градење на квалитетна, одговорна, стручна, функционална и ефикасна администрација во која во фер и транспарентна постапка ќе се избираат најстручните и најкомпетентните кадри. Наместо согласно начелата од Законот за вработување во јавниот сектор и годишните планови за вработувања, голем број на институции ангажираат агенции за привремени вработувања и неконтролирано и неосновано ангажираат работници кои не се во согласност со годишните планови за вработувања и потребите на институциите, вели Мицевски и додава:

„Ангажирањето на работници преку Агенции за привремени вработувања, согласно законот се по исклучок и за точно утврдена цел за што сите институции кои потпишале договор со Агенција за привремени вработувања, должни се да ги информираат даночните обврзници за:

  1. Зошто не ги планирале вработувањата во годишните планови за вработување?
  2. Колку лица се ангажирани преку Агенција за привремени вработувања и по кој основ од Законот за вработените во јавниот сектор?
  3. Зошто МИОА дозволува ангажирање на работниците во институциите надвор од регистарот?
  4. Колку инспекциски надзори извршил Државниот управен инспекторат за основите по кои се отстапени работниците од Агенциите за привремени вработувања?
  5. Колку инспекциски надзори извршил Државниот управен инспекторат за отстапените работниците од Агенциите за привремени вработувања, дали се во согласност со правилниците за систематизација и дали отстапените работници ги исполнуваат условите за работното место за кое што се ангажирани?

Граѓаните и даночните обврзници имаат право, а вие имате обврска да дадете отчет за сите потрошени пари!?“.