Актуелно 07.03.2019 22:20

Мицкоски: Дента кога се изгласа договорот во Грција беше најтежок во мојот живот

Мицкоски: Дента кога се изгласа договорот во Грција беше најтежок во мојот живот

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во неговото гостување во емисијата Отворено на телевизија Алфа нагласи дека денот кога започнал целиот процес за промена на уставното име на Република Македонија бил најтешкиот ден за него во политиката, потенцирајќи дека само неколку дена потоа пред членовите на Централниот комитет поднел оставка, која била одбиена.

Одговорност чувствував и тогаш на тој 19 октомври кога започна практично процесот беше можеби најтешкиот ден во политиката, за да на 22 октомври пред членовите и делегатите на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ понесам одговорност и повикам на одржување на вонреден конгрес и сето тоа што следи. Но мојата инцијатива беше одбиена, вели претседателот Мицкоски.

Тој додаде дека не може да разбере како може некој толку многу да го понижи македонскиот народ, прашувајќи што толку многу ги мотивираше за да го направат тоа.

Тоа навистина претставува една трагедија која и ја приредија на Република Македонија, на македонскиот народ, на граѓаните на Република Македонија, едно понижување омаловажување и јас навистина не можам да го разберам oва чувство, кој е мотивот на овие луѓе што толку сакаат да си ја понижат сопствената држава, сопствениот народ и сопствените граѓани. Не знам што е тоа што толку ги мотивира, праша Мицкоски.