Актуелно 23.10.2018 21:20

Мицкоски: Го менуваат името затоа што тоа им е единствената политичка инвестиција која веруваат дека ќе ги спаси нивните политички кариери

Мицкоски: Го менуваат името затоа што тоа им е единствената политичка инвестиција која веруваат дека ќе ги спаси нивните политички кариери

Денес Македонија се соочува со сериозни предизвици и искушенија. Многумина од вас си го поставуваат прашањето како се случи ова, како стасавме до точка каде оние кои се на власт одредуваат што ќе се прави денес, како ќе се работи, кој ќе оди во затвор, а кој ќе оди на слобода, како стигнавме до точка на колективна депресија каде граѓаните со презир гледаат на политиката и имаат надеж што побрзо да ја науштат земјата, како се случи веќе народот да не носи одлуки и да се чуствува тргнат на страна во својата земја, а некој друг се однесува како нејзин сопственик, како стопан кој одредува колку тендери ќе се украдат, кој може да прави милиони додека земјоделците гладуваат, кој може да има стипендии додека вистински талентираните деца се по аеродромите низ светот, отпатувајќи со надеж никогаш да не се вратат дома, како се случи граѓаните кои иако кажаа што мислат за договорот со Грција нивниот глас да остане неслушнат, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.

Одговорот на ова сепак треба да се побара годинаипол порано и во изборот на оваа влада која сега е власт во земјава. Знам дека тогаш многумина поверуваа,  но факторот време покажа дека нема ништо од 500-те евра плата, од повратот на ддв, од зголемената поддршка за земјоделците, од плата за докторите од 100.000 денари, од субвенции за компаниите, од ветувањата за живот. Ништо не исполнија, а нема ниту една област во која се живее подобро, и додека тие тонат создавајќи од нашата држава политичко мочуриште во кое сите сакаат да не вовлечат, во живиот песок на неморал, репресирани луѓе и криминал, го менуваат името затоа што тоа им е единствената политичка инвестиција која веруваат дека ќе ги спаси нивните политички кариери, изјави Мицкоски и додаде:

„И човек се чуствува заморен од демантирање на оние еден тон лаги со кои сакаат да го посипат ВМРО-ДПМНЕ само за да се одвлече вниманието од вистинските теми. И се за што говореа и се за што лажно се бореа во минатото се покажа дека не е така. Излезе се на површина. Велеа дека ќе го сочувале Уставот, а видовме дека и бонус дадоа, не само смена на уставот туку и менување на идентитетот. Велеа дека биле демократати, а кумуваат со најголемата цензура врз медиуми досега видена. Велеа дека ќе биле против полициското насилство, а веднаш поитаа да тепаат народ пред Собрание, велеа дека ќе биле за правда и правдина, а тие преку политичко судство и зделки со уценети пратеници прават пазар со името“.

Се сеќавате, потенцираше тој, само колку многу оцрнуваа луѓе, прогласуваа за криминалци за случаи наводно вредни милиони евра, 5, 10, 50 милиони евра, ме обвинуваа потоа дека јас се борам за нивна амнестија, а сега кога тие споменуваат таква работа, станувало збор за помирување, колку само конструираа и запечатуваа судбини за 27 април, а еве гледаме дека дел од тие луѓе се нивниот најпосакуван излез.

-Во мојот живот, мојот татко ме учеше дека принципите се се во животот, достоинството и угледот кој се остава на потомците. Углед тешко се гради, но лесно се руши. Таков сум како човек, таков сум и како политичар и затоа многу тешко ми паѓа како некој се коцка со принципи, како некој лесно си го урива достоинствто. И доволете тука да споменам една мисла на Гоце Делчев кој рекол дека “јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови  како македонскиот”, подвлече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и додаде:

„Сепак и јас сум само човек, еден од вас, кој некогаш го совладуваат чувствата и морам да кажам дека „Црниот Петок“ беше еден од најтешки денови во мојот живот. Не само поради тоа што се изгласа во македонскиот парламент нешто што не беше одобрено од македонските граѓани, процес за преименување на нашата земја, туку затоа што во тоа учествуваа и 7 пратеници од ВМРО-ДПМНЕ силно потпомогнати од структури кои се ставија на располагање на власта, следејќи го својот личен интерес, одејќи против ставот на партијата, против членството  и најважно, против волјата на народот“.