Актуелно 15.07.2018 16:29

Мицкоски: Изборот е меѓу две опции- спас на кариерата на Заев или битката за Македонија!

Мицкоски: Изборот е меѓу две опции- спас на кариерата на Заев или битката за Македонија!

ВМРО-ДПМНЕ одржа протестен марш во Кавадарци, На истиот се обрати партискиот лидер Христијан Мицкоски и порача пред граѓаните дека следува тежок период.

Рече дека следува период во кој  премиерот ќе кажува дека Северна или Горна Македонија било сеедно.

-Тоа е исто како да кажете денот е ноќ, а црното бело, како да кажете крвописот во Ваташа не постоел, а таму токму за тоа име згаснале 12 млади животи. Слава нека им е, тие згаснале за ова име. Како да ги помножите со нула што за оваа земја се бореле и кавадарчаните Јованче Велков, Иванче Минчев, Јанаќи Ќурчиев и Пане Иванов кои и го формирале првиот комитет на ВМРО после солунскиот, и пред чија спомен плоча го држиме и денешниот митинг. Затоа стојам гордо пред вас  и ви велам дека оаа битка нема да биде лесна. За оваа битка мора да сме подготвени , мора да сме мудри, трпеливи. Паралелно додека ја водиме битката потребно е да ја креираме програмата која што ќе значи одговор на проблемите на нашите сограѓани, истакна Мицкоски.

Вели дека изборот е помеѓу две опции: спас на кариерата на Заев или битката за Македонија.

-Јас ја избрав втората, а гледам и вие сте ја избрале. Во таа борба ние ја одбираме Македонија. Горди Македонци, нашите великани во минатото пишуваа:

Да се биде Македонец –
најпрво е света работа,
а дури потоа проклетство и немир.
И не сме Македонци
само затоа што зборуваме на македонски,
и не сме Македонци
само затоа што пееме на македонски –
Македонци сме затоа
што тагуваме на македонски!

Но, прекрасно ми е што сум Македонец
Оти само еднаш
татковината се освојува однадвор,
а потоа секогаш се освојува само одвнатре!

Неплодна земја не раѓа,
а Македонија раѓаше: и бунџии, и ајдуци,
и комити, и партизани!
Од гнездо на црно пиле бело не се извело:
ни во сон не помислувајте дека Македонија
не е татковина на Слободата,
дека не е нива на љубовта,
дека не е поле на верата, цитираше Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ порача дека Македонија се буди.

-Овој пат ќе го чекориме заедно. Рамо до рамо, срце до срце ќе чука во периодот кој доаѓа. Затоа што сите сме и потребни на Македонија. Можеби нема да имаме втора шанса, мора да сме подготвени. Колку сме-толку сме и горди сме. Македонија ќе победи, порача Мицкоски.

Во својот говор тој порача дека имаме одземена држава.

-Дојдоа на власт со сурова злоупотреба на судбини. А денес нема недела да не ни се случи по некоја смрт на дете, некое претепано бебе, злоупотребен малолетник, прерано изгубен човечки живот. Некоја мајка која се завива во црно и некој плач од кој се превртува душата и силно боли, а боли зошто се чувствувате беспомоши и во исто време обесправени, затоа што секој од вас знае дека туѓата болка може да биде и ваша. Нив не им е гајле, со хелихоптерот ќе си одат на вечера.  Власта ја загуби совеста. Министерот за внатрешни ќе го видите во јавност како се приклучува на онаа партиски оркестрираната еуфорија за НАТО, демек славел, ама нема да го видите на прес-конференција да објасни за причините и мотивите за прерано изгубениот живот на Никола Саздовски, дека ги фатил злосторниците и дека истите се во занданите и ќе одговараат за злоделото кое го направија. Нема тоа да го слушнете, но затоа ќе ги видите во скапите лимузини  и ќе ги видите во рестораните како прославуваат. Најмалку што треба да направи, ако има и најмала совест во него е да излезе и да поднесе неотповиклива оставка веднаш. Сведоци сме на други немили настани во градот Скопје кои проаѓаат онака како ништо да не се случило, како статистичка грешка. Деца се прободени со ножеви, а сторителите на тие злодела кои што се фатени, добиваат казна засилен надзор од социјален работник. Па тие луѓе ќе ги изгубат животите, што треба повеќе да се случи за да веруваме дека не ве бива? Дека не знаете што правите. Не можете тоа да го покриете со нарачани текстови и против мене и  против ВМРО-ДПМНЕ, порача Мицкоски.