Економија 07.06.2018 15:41

Мицкоски: Македонија на дното во Европа по економскиот раст, граѓаните страдаат поради катастрофалните политики на Владата

Мицкоски: Македонија на дното во Европа по економскиот раст, граѓаните страдаат поради катастрофалните политики на Владата

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во новото видео обраќање истакна дека Македонија е на дното во Европа по растот на БДП.

-Денес Државниот завод за статистика повторно ја потврди лошата економска политика на СДСМ. Имено според официјалните податоци, БДП во првиот квартал од 2018 година забележал раст од минимални 0,1%. Убедливо сме на дното. Притоа, од приходна страна, пад од цели 37% забележува градежниот сектор, што всушност и ја отсликува НЕ работата на Владата на Република Македонија предводена од Зоран Заев. Немањето на сопствени проекти и стопирањето на проектите од претходната Влада негативно влијаат врз македонската градежна оператива и македонската економија во целост. Дополнително, почитувани граѓани, пад од 7% забележува просперитетниот сектор Информации и комуникации. Да потсетиме, во својата кампања СДСМ големо внимание посвети на овој сектор ветувајќи намалување на Данокот на добивка за ИТ компаниите за цели 50% т.е. од 10% на 5%. Но, како што можеме да видиме нема ништо од тоа, нагласи Мицкоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека од расходна страна, падот повторно е алармантен кај Бруто-инвестициите. Имено во првиот квартал од 2018 година, Бруто-инвестициите забележуваат пад од 9%, со што продолжува политиката на деинвестирање, својствена за СДСМ.

-Дополнително исполнувањето на капиталните инвестиции од само 7,4% во првиот квартал од 2018 година придонесе јавната потрошувачка негативно да влијае врз БДП, односно да забележи пад од 1,4%. Овие податоци повторно го отсликуваат неработењето на Владата на Република Македонија предводена од Зоран Заев. За да ви биде појасно што всушност се случува со Македонската економија ќе направиме компаративна анализа со земјите од Европа. Имено, растот во првиот квартал од 2018 година на пример во соседна Србија е за 46 пати поголем од тој за истиот период во Македонија, или соседна Србија порасна во првиот квартал за 4,6%, додека ние со скромни 0,1%. Слична е ситуацијата и во Бугарија, за 35 пати поголем раст имаат соседна Бугарија отколку што имаме ние во првиот квартал од 2018 година. Хрватска 25 пати и рекордерот можеме да го споменеме и податокот за Полска каде што БДП во првиот квартал од 2018 година е за 51 пат повеќе од истиот во Република Македонија за истиот период во 2018 година, вели Мицкоски.

Тој нагласува дека единствено нешто што успеа оваа цунами економска политика на Владата на Република Македонија предводена од Зоран Заев е да од првиот кварталот од 2018 година нето ги задолжи граѓаните на Република Македонија за повеќе од 300 милиони евра а притоа да не обезбеди раст на БДП.

-Можеме да заклучиме дека вие не живеете подобро, граѓаните страдаат поради лошите економски политики. Ова е фијаско економија, ова е економија со која Македонија паѓа на дното. Ова е уште еден пораз на сите нас. И затоа ова мора да се смени. Граѓаните заслужуваат подобро, Македонија и граѓаните мора да победат, додава Мицкоски.